ИнтервјуаНие низ светот

Тони Наумовски: „Џабе животот ако не си спремен да загинеш за него, односно за слободата“ – втор дел

Интервју со актерот Тони Наумовски од Њујорк

Везилка Магазин

Првиот дел можете да го прочитате тука

 

Со актерот Тони Наумовски можете да разговарате со часови и едно е сигурно – во ниту еден момент нема да почувствувате досада, токму спротивното. Со секоја нова тема сфаќате дека неговото битие е истовремено и едноставно и комплексно, и дека во длабочините на својата душа крие океан од чувства, мисли и енергии, кои елоквентно знае да ги извади на површина, кога за тоа има потреба.

Роден во Сиднеј, израснат во Битола, школуван во Софија, Сиднеј и Њујорк, токму последната локација е местото каде скоро 17 години го живее својот сон. Голема е веројатноста за одредени теми никогаш да не проговори, но за Македонија, македонскиот јазик и македонската традиција и култура, спремен е со денови да елаборира, со страст еднаква како за првата љубов.

Во вториот дел од интервјуто отворено зборува за одиграните ликови кои оставиле најдлабок белег во неговата психа, за приватноста, македонштината, промената на карактерот, љубовта како императив во животот и глумата и играта како дел од него и неговото секојдневие.

 

Тони како Виктор во филмот Lost cos, моментално во постпродукција

 

Кој е најдлабокиот лик што некогаш си го одиграл, а кој те натерал да се трансформираш до степен на себе-непрепознатливост, макар на одреден период само?

 

– Во театар – ликот на таткото во претставата “Retzach (Убиец)” на Ханок Левин. Потресувачки израелски текст, базиран на вистинска приказна за татко и син.

Претставата изобилуваше со насилство и беше многу физички и психички истоштувачка. Ја играв носечката улога и постојано бев на сцена. За време на последните проби, само два дена пред премиера, вадев нерв на заб и отидов да играм со 40 температура.

Бев решен ако треба на сцена да го имам  последниот здив. Со намален апетит и антибиотици, јас изгубив околу дванаесет килограми за две недели. Ми паѓаа панталоните и ми требаше друг костим. Кога агентката моја дојде да ја гледа претставата и виде што се случува, сакаше да ја бојкотира за да ме однесат во болница и да им се јави на моите родители.

 

 

Игравме пет недели во еден од најреномираните театри во Њујорк 59Е59 и одигравме 32 изведби пред полни сали. Добивме фантастични критики. Јас бев навлегол во димензии како никогаш претходно и од емотивна и од физичка гледна точка. Ако цел живот не се занимавав со спорт и немав таква физичка кондиција и силна волја, можеби и последниот здив навистина ќе ми беше на таа сцена.

Во филм е повторно лик на татко, Владимир, во македонскиот филм “Лена и Владимир” во сценарио на феноменалниот Александар Русјаков, а режија на извонредениот Игор Алексов. Филмот моментално e во постпродукција. Имав привилегија да работам со една исклучително фантастична екипа. Особено Сара Климоска, мојата партнерка, која е една од најдаровитите млади европски актерки и верувам со светла иднина.

 

Со Сара Климоска на снимањето на „Лена и Владимир“ – приватна архива

 

Играм лик кој е настрадан со изгореници и оштетено лице. За таа пригода маестралниот Горан Игнатов и неговиот колега Валентин В’лов ми креираа маска од латекс на којашто ѝ беше посветувано по четири саати на ден за апликација и отстранување.

Снимавме во јули и август на високи температури во Скопје, а со маската на лице температурата на телото се зголемуваше и до десет степени. Снимав скоро четири недели на 40+ степени, со осумнаесет до деветнаесет работни саати – дванаесет часа снимање, четири или пет часа маска, саат до два патување и саат за се’ останато.

Спиев, сонував, мислев, се движев и дишев како ликот. Длабоко духовно поместување и дистинктивно физичко заминување од секојдневието. За подготовка и адаптација на високите температури, три месеци пред да започне снимањето, во Њујорк возев велосипед облечен во јакна, во средина на ден кога е најжешко, за да може телото да ми се приспособи на високи температури.

 

 

Снимањето ќе беше тешко да се изведе, бидејќи маската ги затвора порите и на високи температури се одлепува од потта, а и острината на мисловниот процес ќе ми беше отежната, ако не постоеше таа психофизичка подготовка и примената на ред други актерски техники.

 

Отсекогаш си бил „остров сам за себе“, без разлика каде живееш. Како се браниш од надворешните влијанија и ја зачувуваш светоста на семејството?

 

– Точно така, остров сам за себе. Не би сакал, a не сум сигурен дали и би умеел поинаку да живеам. Можеби тоа бил механизам за преживување и справување со бројните предизвици низ годините. Колку помалку инфомации се достапни за тебе, толку помалку може да ти се напакости.

На социјалните мрежи сум умерен и се’ што споделувам е строго професионално. Информацијата од секогаш сум ја сметал за најмоќната алатка и затоа многу внимавам што излегува од мене, кога, пред кого и на каков начин.

 

Официјалниот постер за филмот „My name is somebody“

 

 

Што значи за тебе македонштината, творењето на македонски јазик, звукот на кларинетот, „Јовано Јованке“, Ротино?

 

– Дрво без корен не постои. Ја сум родољуб. Си ја сакам и почитувам мојата татковина Македонија. Си го сакам и почитувам мајчиниот македонски јазик. Си го сакам и почитувам македонското културно наследство и се’ што е македонско. Тоа за мене е светост.

Не можам никогаш ништо друго да бидам освен Македонец. Би можел ли да бидам нешто друго, или да очекувам некој друг да ме почитува, ако сам себе не се сакам и почитувам? Би можел ли да сум лојален на друга татковина, ако сум ја заборавил својата?

 

Како Јосиф Сталин во претставата Final Analysis

 

 

Да си Македонец за мене претставува привилегија, чест, предизвик и гордост. Творењето на мајчиниот македонски јазик не можам да го споредам со ништо друго, тоа е исто како и со љубовта, никогаш не се доволни зборови за да се објасни.

Звукот на македонскиот јазик, македонската музика, вековната традиција на нашите песни, нашето културно наследство е како допир со други светови. Целото мое патешествие како уметник е да се пронајдам самиот себе и секогаш изворот на моето творење доаѓа од сето она што сум.  

 

 

Колку пати си го променил карактерот до сега?

 

– „Се’ тече се’ се менува”, така и ние луѓето. Веќе од вчера до денес не сум истиот, а сепак сум тој, не сум ни друг. Не знам колку тоа се однесува на промена на карактерот, но дефинитивно на доградување на самиот себе.

Во Њуjорк се живее со огромна динамика, што нема како тие промени да не ми повлијаат, а и треба. Само тогаш има смисла моето творење кога ја применувам таа промена. Тоа е постојан процес на зреење и формирање на една личност.

 

Тони во Daredevil серијата на Netflix

 

Без што не можеш секој ден?

 

– Мислам дека не би можел а да не прочитам барем неколку страници од нова книга, всушност без да научам нешто ново. Понекогаш намерно купувам отповеќе книги за да не се опуштам и тоа ме потсетува уште колку многу има за учење и истражување. Го сакам тој предизвик. Со секоја нова прочитана книга или ново истражување станувам се’ посвесен колку не знам и тоа ме мотивира.

Тоа е клучен елемент од работата на себе. Да знаеш што не знаеш, за да можеш да се фокусираш на тоа и така до бесконечност. Колку повеќе одговори барам – на толку повеќе прашања наидувам.

 

Во претставата „Лисабон“, одиграна во Ла МаМа театарот во Њујорк

 

Љубовта останува императив за тебе. Енергијата која ја емитуваш зрачи со себе-познавање, себе-прифаќање, но и себе-критичност. Колку експериментираш во секојдневниот живот, барајќи одговори, различни резултати, други верзии на Тони, реакции од другите?

 

– Се’ е енергија само треба да се препознае. Сакам да ги слушнам сите, но да чујам само неколку. Умешност е да се препознае од кого, што и колку треба да се чуе. Тука искуството, но и инстинктот исто така, има големо значење, затоа што емотивниот систем во нас секогаш е точен. Закон на привлекување. Закон на природата.

Во однос на актерското мајсторство експериментирам секојдневно, макар и со еден нов мал елемент со работата на себе. Еден детал може да промени цел тек на творење.

Понекогаш сум и премногу строг кон себе, но мислам дека во последно време тоа се менува, затоа што се’ повеќе разбирам дека се’ е процес, дури и кога ние го гледаме како некој краен резултат. Тој резултат е само една слика, исечок од животот, еден миг, којшто веќе следниот момент исчезнува и ние како актери имаме привилегија да го реоткриеме и оживееме одново.

 

Тони како Pasha во претставата Three Graces

 

Иако трагам по одговорите, со текот на годините, искуството ме научило дека не одговорите, ами прашањата, се најважниот елемент во процесот на творење.

Прашањата се тие кои ме држат во постојано движење, активно мислење, размислување, препрашување, експериментирање, предизвик од непознатото итн, и истите водат кон нови прашања, повеќе отколку одговори. Тој процес е витален за едно целосно креирање на еден лик којшто непрестајно се менува.

 

Кога престанува глумата, а почнува вистинскиот Тони?

 

– Јас сум секогаш вистинскиот. Глумата никогаш не почнала, а играта никогаш не престанува. Зборот „глума“ никогаш не ми се допаѓал затоа што за мене означува да се правиш на нешто, да се преправаш, а не да бидеш, да си. Јас сум. Јас дејствувам. Тоа е убавината на уметноста.

 

Тони како дел од Gia Forakis and Company театарската група

 

Нашиот извор на творење сме самите ние, со целиот спектрум на животот и искуствотото во нас и околу нас, меморијата на минатото, генот, традицијата итн. Свесен или не за се’ што носам во себе и со себе до последен здив за вистината. Бесмислено би било да не сум секогаш вистинскиот, кога основата на моето творење, а и цела смисла на животот за мене, е потрагата по вистината.

Токму вистината е патот до светлоста, просветлувањето, прочистувањето на духот, мислата и телото, патот до слободата.

Ниту сакам, ниту сум сакал, ниту пак воопшто имам потреба да бидам некој друг.

 

 

Тони можете да го следите на      Веб страна       Instagram      Facebook       LinkedIn

Везилка Магазин