Тони Наумовски е еден од нашите ултра талентирани актери, кај нас познат по улогата на војникот Владо во „На терапија“, кој во моментов живее и работи во Њујорк. Роден во Сиднеј, израснат во Битола, со над 100 улоги во театарски претстави, филмови, серии и рекламни спотови, во моментов верува дека е на половината од својот професионален живот и планира да работи до 90 години.

За неговиот влез во актерството најголемо влијание имала тогашната наша првенка на Битолскиот Народен Театар – госпоѓата Олга Наумовска, која потенцирајќи му ја разликата помеѓу „глумец“ и „актер“, го запечатила неговиот иден животен пат.
Иако веќе 25 години е надвор од домот и Македонија и зборува и твори на 9 јазика, македонскиот засекогаш му останува приоритет и привилегија, а нашата традиција, култура и творештво се труди да ги презентира на кастинзи и снимања секогаш кога има можност.
Искрен, отворен и секогаш спремен да помогне, заштитнички настроен кон семејството и својот Универзум, со Везилка создаде едно поинакво, поинтимно интервју.
По потекло од Ротино, роден во Сиднеј, израснат во Битола. Aкадемија за драмски уметности во Софија, мастерс во Сиднеј, и целосна стипендија на Lee Strasberg институтот за театар и филм и веќе 16 години живот во Њујорк. Кој дел од овој пат ти е најмногу при срце?
– Секој дел од животот си носи свои спомени и убавини, но не верувам дека има нешто посилно и почисто од детството. Сум имал привилегија да израснам во едно прекрасно семејство, опкружен со многу љубов, внимание, уметност, со звукот на многу инструменти и песната, тоа било секојдневие во нашиот дом.

Музиката, ангелскиот глас на баба ми, мајка ми и брат ми, тоа е коренот за се’ останато што следувало да расте и да се развива во мене низ годините и основата на којашто секогаш се навраќам. Ротино е една волшебна приказна на безгрижност поврзана со природата и слободата, баба ми и дедо ми. Местото каде што секогаш би се вратил да живеам, а и вечно да почивам.
Израсна на улиците низ Битола, и иако заврши средно техничко, патот го продолжи во сосема спротивна насока. Што те натера да излезеш од матрицата?
– Од матрицата ме натера да излезам нешто што тлеело во мене, иако тогаш не би можел вака свесно да го препознаам и анализирам, но сепак бил еден внатрешен повик, потреба која што го покажала правецот на каде треба да се развивам. Музиката секогаш била присутна во нашето семејство исто и љубовта кон театарот, но не до степен за тетарот или актерството да биде дефиниција и смисла на мојот живот.

Уште во основно училиште бев дел од некои скечеви, но на тоа не сум гледал како на актерство и на професионална ориентација, ами како некој вид забава. Клучниот момент се случи во средно училиште кога бев поканет да играм една сосема мала ‘неважна’ улога во претставата “УБИШКА”.
Инаку до тој момент на моите родители им беше сугерирано да ме насочат и во тој правец и да ме пратат средно училиште во Скопје за да можам да бидам дел од некое драмско студио. Значи некои луѓе од нашето семејство го препознале тој порив во мене.

Но да се навратам на “Убишка”, претстава во која што имав само пет или шест реплики на самиот крај. Се појавував во улога на полицаец и требаше само да ја потврдам смртта на тинејџер кој што починал од дрога. Јас се решив да сум поразличен на сцена и да не говорам литературно македонски, ами со ротински горноселски дијалект и тоа беше ХИТ во буквална смисла.
“Бољки наши” – реплика која ја падна публиката од смеа, и наместо тоа да е трагичен крај, испадна трагикомедија или комедија која што комплетно беше ненамерна, но ништо не е случајно како и овој пресвртен момент во мојот живот. Публиката не само што не’ награди со овации, туку и ме кренаа на рамо како Mакедонија да постана светски шампион. Чувство кое што никогаш ниту сум го заборавил ниту пак некогаш ќе го заборавам.
Следните 4 години ги помина во Софија, во класата на легендарниот актер Стефан Данаилов. Иако познат во тие кругови, сепак реши привремено да го оставиш тој живот, и да се преселиш во твојот роден град Сиднеј. Дали од Сиднеј го доби она што го сакаше и имаше замислено?
– Искрено не сум сигурен што сум замислувал во тој период од животот. Но добив многу. Најмногу поминувајќи време со голем дел од моето семејство кое што се уште живее во Сиднеј, Њу Касл и Мелбурн, тоа е најголемата награда.
Јас сум традиционален тип кога станува збор за семјеството и си го сакам својот род. Близок сум со своите роднини и тоа многу ми значи, исполнува, мотивира и инспирира. А времето поминато со моите најблиски не е никогаш доволно.
Како што татко ми секогаш знае да каже кога треба да заминам на ново патување “Не остана време да се видиме ко шо треба”, без разлика колку време сме поминале заедно. Тоа е една длабоко емотивна реплика за секој еден Македонец бидејќи низ македонската историја немало семејство кое што не заминало во туѓина.

Во моето семејство седум генерации наназад биле печалбари од Турција, Русија, Хрватска, Србија, Америка, па се’ до Австралија. Никогаш немаше тоа да го разберам вистински, ниту пак приказните за моето семејство и други наши македонски семејства, ако не заминев после завршувањето на средното училиште и што се вика ‘повеќе око не ми видоа дома ко што треба’ и еве веќе 24 години “Ќе ве бркам по континентиве” што вика татко ми.
Од страна на актерството израснав многу во Сиднеј. Го усовршив англискиот јазик студирајќи со врвни светски професори, за магистерските студии бев предводен од Џим Дејвис, професор од Кембриџ.

Спечалив едно чудо искуство од секој аспект. Да измерам или кажам дали сум добил тоа што сум очекувал би било неблагодарно. Сум добил се’ што сум требал да добијам во тој период од животот за кој што сум бескрајно благодарен. Љубовта, поддршката и посветеното време и од моето семејство и од моите ментори. А тоа е се’.
Никогаш не зажалив за тој потег, иако оставив многу посигурен, полукративен и блескав старт на мојата кариера во Софија, снимав и играв веќе во три национални театри и скоро сите од врвните режисерски имиња сакаа да работат со мене. Но тоа не беше вистината, барем не мојата. Не беше доста. Не ме исполнуваше. Исто како што и кога дојде време во многу слични околности да заминам и од Сиднеј.

Која беше улогата што ја доби во Њујорк, а за која знаеше дека е „the one“ што ќе те етаблира на американската сцена?
– “Wellspring” или “Бунар” на македонски. Иако имаше само четири екпериментални изведби, присуствуваше поголемиот дел на њујоршката театарска елита.
Актерката која што ја играше мојата мајка и беше една од носечките улоги во оскаровскиот филм “Саботна треска”, по завршувањето на последната изведба ми пријде и ми рече “Имавме огромен успех Тони, но мислам дека е важно да знаеш нешто, специјално како млад актер, ти ја украде претставата, беше како оган на сцена, ја плени публиката”. Не бев сигурен дали ја кажува вистината.

Најпрекрасниот момент е што тоа беше моја прва професионална претстава на Оф-Бродвеј сцена и се гордеам што имав од старт можност да го претставам нашето балканско културно наследство. Го играв ликот на Соломон, босански Ром. Играв, танцував и пеев. Често се сеќавам на процесот на аудиции за кои имав пет круга на кастинг и траеше околу два-три месеци.
Претставата веќе беше во преговори за на Бродвеј, но никогаш тоа не се случи, како и многу други работи кои настрадаа од падот на маркетот во 2008 година. Скромноста на страна, претставата навистина беше на многу високо ниво и ми донесе многу долготрајни контакти и креативни соработки кои и ден денес ги негувам и за кои сум бескрајно благодарен.
Филм/серија или театарска сцена? Што му носи поголема радост на твоето битие?
– Кое дете донело најголема радост. Јас мислам сите се исти на различен начин, но сепак, првото дете ја носи најголемата радост само затоа што тоа чувство се случува за прв пат, а тоа за мене е театарот. Тоа прво чувство е незаменливо.

Иако со текот на годините се’ повеќе снимам филмови и телевизија, љубовта и посветеноста не ја делам, но со секое повторно враќање во театар, нешто суштествено се случува во мене и ми е потсетник зошто сум се посветил на оваа прекрасна божествена дејност наречена актерско мајсторство.
Скијање, пливање, боречки вештини – љубов кон сите, во зависност од местото во кое живееш, но велосипедот е единственото нешто што низ деценииве останал како нераздвоен дел од тебе. Што значи за тебе таа слобода?
– Се’. Ништо помило и позначајно нема од слободата.Џабе животот ако не си спремен да загинеш за него, односно за слободата.
Да живееш слободно е да живееш бестрашно и безкомпромисно, да си господар на сам себе, тоест да го мислиш тоа што го сакаш, да го кажуваш тоа што го мислиш и секако да го правиш тоа што го кажуваш. Тоа е мерилото за вистинска слобода.

Да си свој, да си центар на универзумот и да патуваш низ времето, да не постојат граници и единствениот предизвик да си ти самиот.
Возењето велосипед е единствениот спорт што се уште е нераздвоен дел од мене. За овие 16 години колку што живеаам во Њујорк, имам извозено 28 250 километри со три различни велосипеди Сокол еден, два и три, сите именувани во спомен на нашиот прекрасен коњ Сокол што го имавме во Ротино кога бев дете. Исто така долго време не знаев дека и во психологијата велосипедот претставува симбол на слободата.
Тони можете да го следите на Веб страна Instagram Facebook LinkedIn
Продолжува….
Вториот дел од интервјуто можете да го прочитате тука