Полнети пиперки, сарма, плескавица и шопска салата, ова е најчестиот избор на Австријците кои се редовни гости во ресторанот на Трајче Марков од Неготино. 44 годишниот трговец од Тиквешијата, по преселбата во Виена со неговото семејство решил да стане угостител.

„ Наши најчести гости се Австријците но постепено имаме се повеќе гости кои што се Македонци или општо од балканските простори. Локалците уживаат во дегустација на нашата македонска традиционална кујна и на многу од нив честа порција за ручек им е тавче гравче или сарма. Сепак, најбарани се полнетите пиперки, плескавицата и шопската салата“, вели Марков.

Преселбата за него не била ниту лесна, ниту едноставна, но потрагата по поквалитетен живот за себе и за семејството ги натерало Маркови да заминат онаму каде што имале „грб“.
„Виена од повеќе причини, но да ги споменам најважните, првенствено поради тоа што мојата сестра живее овде веќе 20 години па со тоа имав потпора, и поволностите што ги нуди оваа држава за нејзините граѓани“.
Тргнал водејќи се од стереотипите дека Австријците се „ладен“ народ кој не знае да се забавува како нас, но после толку години во Виена, Трајче го има спротивното мислење.

„Сметам дека мислењето дека Австријците се ладни луѓе и не знаат како да се забавуваат е погрешно бидејќи во текот на работењето на мојот ресторан јас го заклучив сосема спротивното, односно тие се забавуваат на многу сличен начин како ние, нормално со воочливи културолошки разлики, но сепак таа “топлина” сметам дека е универзална кај луѓето“.
Оној кој заминува и добива и губи
Напуштањето на татковото огниште е вечна рана на душата. Но секогаш постои цел која не` води за да ги исполниме нашите соништа. Трајче знае дека добил, и благодарен му е на животот што му го покажал патот кон Виена, но секоја клетка од неговото тело точно знае и што загубил.

„ Секој што се одлучил за таков чекор односно за преселба е свесен дека добива, но нешто губи. Старите пријатели, роднините и спомени минатото од местото на раѓање и живеење никогаш не се забораваат и не можам да кажам дека се изгубени, но далечината си го прави своето. Благодарен сум што и овде добив многу нови познанства и се проширија нови хоризонти“, вели Трајче.

„ Можам да кажам дека начинот на живеење како татко првата година не се промени многу но постепено поради многу фактори како средината, културата, образованието и луѓето со кои моите деца и јас сме во контакт секој ден ненамерно те тера да некои работи се сменат нормално на позитивно“.
Македонија е нивната татковина, но Австрија е нивниот дом. Марков вели дека еден дел од него секогаш ќе живее во Неготино.
