“Човек често пати не може да влијае на околностите во кои се наоѓа, но секогаш има слобода да даде личен одговор на тие околности.” – Виктор Франкл
Една од поголемите заблуди и саркастични описи на лајф коучингот (тренингот за личен развој) е дека тоа е “тапкање” по рамо со сугестијата “биди позитивен”. Дека тренерите за личен развој нудат “позитивен став” како лек на оние кои се соочуваат со неповолни ситуации во животот.
Вистината е дека ниту некој успеал, ниту е лесно да се поверува дека некој може да биде позитивен “на копче” или по сугестија. Ниту пак позитивниот став е магично стапче кое може да ги менува околностите во кои се наоѓа една личност.
Она што навистина лајф коучингот го нуди е разговор кој поттикнува изнаоѓање лични цели и решенија како тие да се постигнат. Поттикнува пасивното чекање околностите и луѓето да се сменат “по желба” на поединецот, да се замени со активен пристап кон целите во сопствениот живот. И изнаоѓање решенија како тие да се постигнат. Разговор кој мотивира преориентација од дефицитите, кон ресурсите на личноста кои таа би можела да ги искористи во надминување на неповолните ситуации. Разговор во кој размената на перспективите може да мотивира изнаоѓање алтернативни решенија за проблемите.
Дефиницијата на проблем, е постоење на ситуација која е неповолна или тешка за некого, кога поединецот е незадоволен од постоечкиот исход.
Многу ретко на некој човек му се местат секогаш “коцките” како што тој посакува и животот му тече без проблеми. Најчесто луѓето се соочуваат со непосакувани ситуации и изневерени очекувања. Затоа поставувањето и решавањето на еден проблем, може да му помогне на поединецот да се поставува и делува активно и во слични други ситуации. Ќе го направи активен кон сопствените цели, како и за ресурсите да дојде до тие цели. Од пасивен чекач да се сменат околностите, во активен креатор на својот живот.
Праксата покажува дека постојат три типа на луѓе кои се соочуваат со проблеми.
Првиот тип е на луѓе кои не согледуваат потреба за промена кај себе, туку сакаат околината и луѓето да се сменат според нивните очекувања. Практично не бараат решение, туку “сојузник” што треба да го потврди нивниот светоглед на работите и тоа да биде нивно алиби во обидот да ги променат другите. Промената кон посакувана ситуација, во тој случај оди многу тешко.
Втората група на луѓе кои се оптоварени од некој проблем или констелација, ја разбираат потребата од сопствено делување, но бараат готов рецепт, инструкции како да постапат. Тие се подготвени на промени, но слободата и одговорноста за своето делување сакаат да ја делегираат кај друг, кај тренерот за личен развој на пример. Кај тие луѓе често помага разговор кој ќе ги охрабри да ги откријат сопствените потенцијали и моќ за промена кон личните цели.
Луѓето од третата група пак се оние кои ја разбираат и превземаат сопствената одговорност во делувањето, но им недостасува јасна цел. Заглавени се во емотивни блокади, стравови, етички дилеми или избор на “пат” по кој да се тргне, за да се надмине непосакуваната ситуација.
Често пати многу корисна поддршка на луѓето кои сакаат да се активираат во надминување на, за нив, неповолните или тешки ситуации, тргнува од менување на фокусот. Од проблемот, кон решенијата. Тоа не значи дека се негира важноста на констелацијата која оптоварува. Напротив, контекстот е секогаш многу важен и тој се разговара, но промената е како од ставот “сакам проблемот да се реши (сам од себе или некој да ми го реши)”, да се дојде до перспектива во која поединецот ќе ја согледа сопствената моќ, потенцијал со кој би ги достигнал посакуваните цели. Да бара алтернативни решенија.
Перспектива во која ставот: “животот не е фер, гледајте што ми се случува”, ќе се промени кон: “животот не е фер, но што можам јас да сторам за себе во оваа ситуација?”. Тоа не е позитивен став. Тоа е активен став кон сопствениот живот.
Токму заглавеноста во проблемите многу често не ни овомзожува да тргнеме во потрага по решенија. Најчесто луѓето зборуваат долго и детално за ситуацијата која ги измачува, вложуваат огромна енергија во објаснувањето на контекстот (што секако е корисно и не е погрешно). Но кога ќе им поставите прашањето “каде го гледате решението?”, остануваат затекнати. Го имаат само проблемот, но не и перспективите за можни решенија.
Се разбира, животот е полн не со едноставни, туку со емотивно оптоварувачки ситуации каде често пати не е можно рационално поставување. Луѓето не се роботи. Некому едноставно во некои ситуации му треба емотивна поддршка и не размислува за цели или иднина бидејќи е емоционално оптоварен. Но кога ќе дојде моментот на прашањето “Што или како понатаму?”, тогаш доаѓаат и опциите. Да се зборува за проблеми или за решенија? За дефицити или за ресурси?
Никој не може да гарантира ваков или таков исход, бидејќи во животот нема генерална проба и се живее само еднаш. Токму затоа можеби е покорисно на одлуките да се гледа како на можност за учење лекции (ресурси), одошто ништо да не се прави во страв од потези кои би можеле да не` одведат во грешки.
Се разбира пристапот во решавањето на ситуациите кај секого е индивидуален. Зависи од контекстот, структурата и потенцијалите на личноста. Некој промените ги прави брзо, некој сака добро да ги осмисли. Некој е спремен на одлука веднаш, некој сака добро да се подготви. Битно е човек да го подобрува контактот со себе си за да ги дефинира полесно своите цели и аспирации, за потоа да тргне во нивно остварување преку можни решенија.
Не постои брак или партнерство во кое партнерите во целост ги исполнуваат очекувањата на другиот или разменуваат еднакво количество емоции. Тешко да постои средина каде сите колеги се полни со разбирање, шефот идеален и системот на работа е “скроен” според нашите очекувања. Прашање е дали ако некој со магично стапче почне да ги “исправа” сите несакани ситуации во животот на еден човек, навистина тој ќе биде најсреќниот човек на светот?
Постои пред-убедување дека парите ги решаваат проблемите. Примерите покажуваат дека и луѓето кои имаат многу пари и можат да си дозволат многу повеќе работи, се несреќни од контекстот во кој живеат. Со пари не може да се купи радост или љубов на пример.
Буда рекол: Најсреќните луѓе не се оние кои го имаат најдоброто, туку прават најдобро од постоечкото.
Битно е човек во контекстот во кој се наоѓа да се праша: “која е мојата приказна во ова?” И да почне да си ја пишува.
Ида Протугер Вељковиќ е психолог, сертифициран тренер за личен развој, сертифициран системски бизнис коуч и колумнист, и живее и работи во Виена.
Овој текст е личен став на авторот и не ги изразува ставовите на Везилка Магазин