Хорот „Македонски ѕвончиња” е формиран во септември 2020 год. по идеја на проф. Марина Коруновска, професорка по соло пеење во Државното музичко училиште во Битола, основач, директор и уметнички раководител на Детскиот хор “ Ѕвончиња” и центарот за музичка едукација Кorunovska music & singing од Битола, кои се препознатлив бренд на градот и Македонија веќе 15 години.
Првиот детски македонски онлајн хор е хор на сите деца во светот кои заедно го негуваат македонскиот јазик и традиција преку македонската убава песна (детска, народна, забавна), а оваа композиција е нивниот прв проект.
На прашањето Зошто решила да го направи хорот онлајн и глобален, Марина ни одговори:
“Да ја проширам локацијата на делување пред сѐ, ме натера љубовта кон македонската музика. Петнаесет години работам со Детскиот хор Ѕвончиња од Битола и секогаш центарот ми е македонската музика. Со почетокот на пандемијата, размислував на кој начин децата да продолжат да пејат и да се среќни.
Една ноќ, се појави мислата: а зошто не би пееле сите македонски деца заедно, кога во вакви услови тоа е возможно? Оние кои се надвор од Македонија ќе го негуваат јазикот, ќе учат за традицијата и убавините на Македонија, а другите, кои се во Македонија, ќе ја сакаат татковината и македонската музика повеќе. Еден убав ден, кога се ќе помине, се надевам дека ќе се запознаат и ќе пееме македонски песни во живо сите деца од цел свет. Огромни концерти, негувајќи ја македонската песна, а со тоа и македонскиот јазик и традиција“ – Марина Коруновска, uметнички раководител и вокален педагог на детскиот хор „Ѕвончиња“
Песната која овој хор ја изведува – „Македонско девојче“ е дело на Јонче Христовски, роден во 1931 година во Битола. Истата е напишана во 1964 година и низ годините стана неофицијална химна за убавината на македонската девојка.