МакедонијаРепортажи

„Црквите во источна Македонија“ – документарен филм на Бобан Фелло Стоименовски

Режисер е делчевчанецот Бобан Стојменовски - Фелло, кој во моментов живее во Норвич, Англија

Везилка Магазин

Филмот „Црквите во источна Македонија“ раскажува историја за едни од најстарите и најпознати цркви во Пијанечко-Малешевскиот крај.

Идејата на режисерот Бобан Фелло Стоименовски била да ја доближи историјата и културата до обичниот граѓанин во време на, како што вели тој „забрзан свет, кога сите како да подзаборавивме кои сме и од каде потекнуваме“.

Оваа идеја за мојот документарен филм е еден вид аманет. Додека студирав во Бугарија, требаше да снимам документарен филм. Ја избрав црквата Св. Петка во Село Селник. Продуцент ми беше мојот вујко, но не успеав да го завршам, затоа што тој прерано си замина од овој свет, а јас не бев спремен да се вратам таму кај што започнавме и да го довршам документарецот, па така завршувањето ми остана еден вид на аманет. Со оглед на фактот што идејата тлееше во мене долги години, знаев дека еден ден ќе се вратам да го довршам започнатото.

Црквите, кои се опфатени со документарецот, раскажуваат една историја за тоа што значело религија и верба во Бог за луѓето во едно далечно време и за како таа им помогнала да останат обединети и да ги преживеат сите неправди и зулуми што им биле нанесувани низ вековите.

Овие цркви се познати и по тоа што во нив престојувале револуционери и водачи на различни востанија што се случувале на таа територија на Македонија.

Во јануари оваа година, документарниот филм ја имал својата прва интернационална промоција во македонската амбасада во Лондон .

Бобан со амбасадорката Александра Миовска и тимот од амбасадата, на промоцијата на филмот – приватна архива
На промоцијата на филмот во амбасадата во Лондон – приватна архива

Бобан Фелло Стоименовски за својот проект вели:

„Со „Црквите во источна Македонија” сакам не само македонскиот народ, туку и странците, да научат нешто повеќе за нашата историја, за нашата истрајност и верба и стремежот за своја држава.“

Бобан е роден во Делчево, завршил Филмска и ТВ режија во Бугарија, работел 4 години во МТВ, а последните 6 живее и работи во Норвич, Англија.  Во моментов најмногу работи како фотограф, но има работено и како снимател и монтажер во BBC-Voces-Norwich,  каде снимал разни музички настани организирани од BBC-voices, а заедно со дел од нивниот  продуцентски тим, одржувал и работилници за студентите на новинарство и маркетинг, каде го пренесувал своето знаење за како да снимаат интервјуа, репортажи и документарни филмови, и како истите да ги монтираат.

Интервјуто со Бобан ќе го објавиме во текот на наредните недели.

Везилка Магазин