Зборот „чеиз“ потекнува од турскиот çeyiz, што значи невестинска опрема, а во нашата традиција имал значење на „поклони“, „богатство“ кое невестата го носела со себе во новата куќа. Јоргани, ќебиња, постелнина, куќен прибор, милиња, рачно ткаени черги, чаршафи – биле само дел од предметите кои македонските невести низ вековите ги носеле со себе кога се мажеле.
Морам да признаам дека бев многу убедена дека во денешно време невестите не носат чеиз. Можеби дека јас и тие околу мене немавме? Не знам, ама до пред една недела мислев дека таа традиција изумрела многу одамна, сѐ додека повеќе девојки на пост за јорган од чеиз се изјаснаа дека го имаат. Што?! Морав да копам подлабоко, очигледно моето уверување не било точно.
Трагајќи по одговори, прашав девојки кои живеат во странство, дали имале чеиз и каков е нивниот став по ова прашање. Со оглед на тоа што најголемата поврзаност со тие парчиња е емотивната, ме интересираше дали мислат дека чувствата кои ни се будат кога ги гледаме/користиме овие работи (љубов помешана со тага, носталгија, болка пренесени низ генерациите) ни става еден вид на бреме?
Нашите родители/баби и дедовци тоа време немале многу пари, па скратувале од себе за да го соберат чеизот и тоа цело време се потенцира – не како лошо, ами повеќе како нагласок на силната желба да се остави нешто за ќерката, но дали тоа ни врежува во глава дека треба да се откажуваш од секојдневниот живот и искуства за да трупаш материјални работи, зошто „не знаеш што може да те снајде“?
Што ако на нашата носталгија за дома во огромен процент делуваат овие моменти или уште пострашно, што ако токму овие моменти ни ја поттикнуваат таа поделеност меѓу новиот и стариот дом и не нѐ оставаaат целосно, исполнето и среќно да ги доживееме новиот дом и живот?
И дали ова нѐ учи да се поврзуваме со материјални работи или напротив, акцентот се става на емоцијата, традицијата и нераскинливата врска со семејството?
Им благодариме на сите за споделените ставови, одбравме дванаесет мислења за да ви доловиме како нашите млади жени низ светот размислуваат за оваа македонска традиција.