Лично

„Шест митови и недоразбирања за посебни деца и посебни родители“

Текст на Маја Стојчевски, coach за родители на деца со предизвик

Везилка Магазин

Кога прв пат ќе откриеме дека сме на „специјално патување“, не размислуваме сосема јасно. Ова може да трае неколку месеци, па дури и подолго. Има многу работи кои треба да се обмислат и процесираат. А во тој процес имаме мисли и уверувања кои не се баш рационални.

Тоа е природно и треба човек да си даде време. Ќе дојде период кога ќе сфатиме дека не сме биле во право за многу работи кои прво ни паднале на ум.

И јас имав некои од тие мисли за кои сега знам дека се митови. Работејќи со клиенти, сфатив дека сите ние посебни родители на почеток имаме слични стравови, недоразбирања и уверувања. Еве ги шесте најчести митови околу посебни деца и посебно родителство.

 

 

Моето дете не може да биде среќно КАКО другите деца

 

Постои голема разлика помеѓу мислата „ Моето дете не е како другите деца„ и „Моето дете не може да биде среќно како другите деца“.

Тоа што вашето дете не Е како сите други деца на светот е точно. Не е како никој друг. Тоа е уникатна душа и личност и има единствена улога во овој свет, па според тоа, мора да биде различно – нели? Ок, знам дека кога велите „како другите деца“, сакате да кажете „здраво дете“, но тоа нема никаква врска со среќа.

Детето кое има ментален и/или физички предизвик не се движи наоколу жалејќи се за своите ограничувања и оштетувањето на мозокот. Таквото дете си има своја перспектива. Поинаква перспектива на живеење. Ако е опкружено со љубов и неговите потреби за храна, вода и топлина се задоволени – детето е многу среќно. Верувајте ми.

 

 

Само набљудувајте ги. Видете колку многу се смеат. И колку малку им треба да бидат задоволни. Понекогаш само една песна може да им го направи денот. Или едноставна прошетка до најблискиот парк.

Јас со сигурност знам дека мојата ќерка Јоана е прилично среќна. Порано тоа го покажуваше многу отворено и недвосмислено. Ќе се смееше на глас кога и да почувствуваше задоволство. На бањање, или при прошетка во парк, или ако слушаше некоја од омилените песни, или ако јадеше нешто што и се допаѓа – покажуваше колку е среќна секогаш.

Пред 9 месеци преживеа голема криза и се уште се опоравува и не може толку сликовито да изрази кога е среќна или тажна. Но сепак, кога е оставена на мира, јасно може да се види – ете, таа е среќна. Под „оставена на мира“ сакам да кажам: кога и ја следиме дневната рутина, и дозволуваме да се одмара доволно, не ја тераме да прави долготрајни и напорни вежби итн. Научивме дека рутината многу и значи, така што само го следиме нејзиниот распоред. Јоана од секогаш била и е среќна. Јас сум таа која не го увиде тоа јасно и со тоа си ставив огромен товар на себе.

 

Животот ми е ставен на пауза

 

Како??? Не зборувајте така. Сериозно, немојте. Тоа не е вистина, и ќе ви го докажам тоа. Како тоа мислите „на пауза“? Зошто?

Она што можеби е вистина е дека вашиот живот тргнал во друга насока. Тоа може да е вистина. Ќе се променат некои работи. Ова искуство ќе ја реобликува вашата личност. И ќе ве насочи во друг правец. Можеби ќе станете свесни за можности за кои не сте биле свесни порано. Некои проекти кои сакате да ги остварите можеби ќе бидат одложени или нема да имаат смисла повеќе. Но сето ова не значи дека вашиот живот е на пауза.

 

 

Ова значи дека имате шанса да напредувате и да се развивате како никогаш претходно. Во еден момент вие сте само обична личност, и во следниот станувате доктор, физиотерапевт, нутриционист, медицинска сестра, специјалист, професионален организатор како и time-менаџмент експерт. Тоа што сте посебен родител ви даде одлична можност да развиете супер мега вештини.

Да не спомнувам за тоа колку ви се изострија инстинктите. Пријатели мои, со вештините што сега ги имате, можете да владеете со светот. Ве молам не велете дека животот ви е на пауза. Секој ден, само со тоа што го сакате и се грижите за вашето дете, вие одите напред и напред и напред.

 

Ќе ги изгубам сите пријатели

 

Тоа не е вистина. Ова е голем мит. Мислам дека е поврзано со стравот од одбивање кој што сите го имаме. Но ако имаме сомнеж за нешто, тоа не значи дека тоа нешто е точно.

И јас порано мислев така. „Ќе ги изгубам сега сите пријатели“, така ми одеа мислите. И сега малку ми е срам што мислев така. Затоа што во релноста не изгубив ниту еден единствен пријател. Тие прекрасни луѓе кои се се` уште покрај мене, секогаш беа и останаа најголема поддршка. Тие се сочувствителни, полни со разбирање, спремни да ме сослушаат и искрено се грижат.

 

 

Не треба да се плашите дека ќе ги изгубите сите пријатели. Она што треба е да се погрижите дека и вие сте добар пријател исто така. Не се однесувајте како вашиот проблем да е најголем во Универзумот, и сите други да треба да се приспособат на вашиот распоред. Покажете сочувство и разбирање кон луѓето што ги сакате и третирајте ги како што сакате тие вас да ве третираат.

И не се грижете ако некои од нив излезат од вашиот живот. Тоа веројатно нема никаква врска со тоа што имате посебно дете. Сите ние континуирано растеме, се менуваме, и развиваме различни интереси и природно е да се дистанцираме од некои луѓе со тек на време.

 

Има многу работи што не можам да ги правам со моето дете

 

Зависи како гледате на работите. Можеби не можете да се искачите на планина со вашето дете, да одите на патување околу светот, или да водите долги разговори на разни теми. Но постојат многу работи кои можете да ги правите заедно. Можете да шетате во парк, да се возите во кола (Јоана обожава долги возења), да медитирате заедно, да пеете, да се гушкате, да си играте со сензорни играчки, да посетувате роднини и пријатели, да одите на пикник, да гледате нешто заедно…

 

 

Интересно е како Јоана не гледа директно во телевизорот, но јасно покажува кога и се допаѓа нешто. На пример, Frozen не е нејзин тип на цртан, и се чини нервозна и нестрплива кога оди на Тв. Но просто ја обожава Моана, и тој цртан го пуштаме често – на задоволство на целото семејство. Сите многу ја сакаме Моана?. Можеш да познаеш дека и се допаѓа, зошто кога е пуштено, се чини релаксирана, очињата и сјаат и изгледа фокусирана и задоволна.

 

Моето дете не може она што можат другите деца

 

Тоа не е вистина. Вашето дете може да искуси поразлични работи од другите деца. Ценете си ги децата онакви какви што се. Прифатете ги целосно. Децата со предизвик добиваат безусловна љубов, и тоа е нивната најголема придобивка во овој живот. Безусловно ги сакаме нашите деца и немаме никакви очекувања од нив. И не можеме да ги натераме на ништо дури и да се обидеме. Тоа е луксуз кој малкумина од нас го имаат.

Многу родители пишуваат во своите блогови дека нивните деца со време стануваат подобри. Дека малку се поназад со развојот, но после многу терапии, се здобиле со многу вештини. Значи со многу труд и посветеност, овие деца може да напредуваат.

 

 

Тука би рекла дека не сите деца можат да го постигнат ова. Ова може да е точно за некои од нив. Секој родител го знае своето дете најдобро и може да препознае ако постои простор и потенцијал за повеќе. Некои деца, како Јоана, имаат значајно мозочно оштетување. Ако детето во моментов не може ниту главата да ја држи самостално, не можеме да очекуваме тоа дете да прооди за три месеци. Но како и да е, овие деца можат да постигнат многу. Треба само да им дадеме многу шанси.

 

Се е ова моја вина

 

Познато ми е чувството на вина и мислам дека секој посебен родител може да се поврзе со ова. Можеби мислите дека подобра грижа сте требале да водите за себе во бременоста, или дека сте требале да го однесете детето на повеќе терапии. Или можеби само чувствувате дека сте пропуштиле нешто што сте требале да го направите.

Епа јас не мислам  така.

 

 

Не е ваша вина и сигурно сте направиле најдобро што сте можеле во секоја ситуација. Знам дека е природно да се сомневате во себе од време на време, но не дозволувајте тоа чувство да ве преплави. Една од методите која може да ви помогне кога ќе ве нападне мислата “Ова е моја вина” е водење дневник. Едноставно ставете си ги мислите на хартија. Можете да одговарате на прашањата:

-Како се чувствувам сега?

-Која мисла ме натера да се почувствувам вака?

-Сигурен-на ли сум дека тоа е апсолутно точно?

-Како би звучела обратна верзија на таа мисла? На пример: “Не ме бива за ова”, обратна верзија би била “Одлично ми оди ова. Станувам подобра и подобра”. И потоа пишувај во дневникот која верзија ти се чини поверодостојна за вас.

Секое уверување кое го имаме е само мисла која сме ја помислиле илјадници пати. И таа мисла станала наша вистина. Добрата вест е дека можеме да пронајдеме која мисла ни предизвикува страдање и да ја анализираме и избришеме.

 

Маја Стојчевски е coach за родители на деца со предизвик. Нејзина мисија е да им помогне на родителите да ги надминат негативните емоции и да постигнат целосно прифаќање и благосостојба за нив и своите деца. Посебното родителство може да биде прекрасно искуство кога ќе се ослободи родителот од сите предрасуди околу дефиницијата за што е нормално. Работи online сесии со родители од целиот свет. Таа е мајка на 6 годишната Јоана која има ментален и физички предизвик, и знае како може да му помогне на секој родител кој се чувствува тажно, несреќно, осудено и заглавено.
Пишува блог на нејзината web-страница https://mayastoychevski.com/. Постојано учествува во обуки од областа на coachingot. Живее во Нојс (Neuss), Германија.
Везилка Магазин