ЛичноРодителство

Шест можни причини зошто добиваме посебни деца

Везилка Магазин

 

Од мое лично искуство и од работа со родители знам дека “Зошто јас и зошто моето дете?“ е најчесто поставувано прашање на почетокот на посебното патување. Тоа е заради тоа што сме толку потресени од шокот дека не го добивме “совршеното“ дете и едноставно не можеме да се помириме. Барем не веднаш.

Родителите кои сакаат да живеат среќен живот и се грижат за благосостојбата на детето, започнуваат да работат на себе и наскоро сфаќаат дека “Зошто јас?“ е залудно прашање кое не води никаде. Тие наскоро сфаќаат дека вистински мир, среќа и радост лежат во одговорите на прашањето “Кој сум јас и што учам преку ова искуство?“ и “Што е она најдоброто што можам да го направам во оваа ситуација?“, како и “Кое е моето дете како личност и што тоа ме учи?“ Но, ова е тема за некој нареден текст.

Нашата денешна тема е да се обидеме да ги одговориме сите можни причини зошто нашите деца ни дошле со предизвици?

 

За да искусиме безусловна љубов.

 

Многу родители брзаат да кажат дека си ги сакаат децата безусловно. Секој родител на светот ќе каже, “Да, јас го сакам моето дете безусловно.“ Но, дали е тоа потполно вистина? Безусловна љубов значи целосна поддршка и прифаќање на детето како личност, без разлика на неговите избори.

Тоа значи, прифаќање на детето ако не сака да студира или одбере струка различна што родителите ја сакаат за него или има друга сексуална определба. Можеби ќе одбере да не стапува во брак или да нема деца или да направи било каков друг животен избор. Родителите кои не можат да ги прифатат сите овие работи вообичаено одат кон методи на критикување и наметнување на своето мислење и желби врз своите деца. И ако детето не послуша, продолжуваат со критики и неодобрување. Па и навреди. Но, тоа не е безусловна љубов. Тоа е „Јас ќе те сакам ако бидеш она што јас сакам да бидеш.“

Посебните деца се благословени со безусловна љубов. Ако родителите успеат да излезат од самосожалување и впечатокот дека живеат некаков скршен живот, заглавено, во очај и божја казна, тогаш можат да прифатат целосно. И оттука можат безусловно да го сакаат своето дете. Без очекувања, без терање тоа да прави ова или она. Без притисоци, само чиста љубов.

 

За да ја искусиме силата што ја имаме, но не сме биле свесни за тоа

 

Никогаш не знаеш колку си силен ако да бидеш силен е единствениот избор што го имаш, така? Посебните родители дефинитивно имаат неверојатна сила и волја во нив и тие прават и постигнуваат работи за кои порано не ни знаеле дека ги можат. Тоа доаѓа од адреналинот од итноста на ситуацијата. Тие смислуваат решенија, организираат пат до разни болници во други градови, го изведуваат невозможното, смислуваат начини, финансии, ресурси и можности.

Се најдов и самата во многу ситуации кога успешно ќе организирам патување или преглед за Јоана со комплицирана процедура, или авионски лет со неа – и ќе се потапкав по грбот, “Не ми се верува дека го изведов ова.“ ?

Живеење во комфор зона со предвидливо секојдневие нема да ве турне кон напредок. Тоа не ви носи идеи, можни решенија и можности. Но, кога сте во итна состојба – а целиот процес на грижа за посебно дете е итна состојба – ќе ви ги донесе сите овие работи. Така што “Зошто јас?“ можеби ќе ве донесе до одговорот “За да видиш кој си вистински и што сѐ можеш да постигнеш.“

 

За да продолжиме да се едуцираме

 

За да откриеме дека родителството во суштина не е околу децата туку околу нас самите.

Ние носиме програми од детството и реагираме според нив во секоја област и аспект на животот. Ако ги погледнеме нашата кариера и финансиска ситуација, врските и досегашните постигнувања – сите тие совршено се вклопуваат со нашите мисли. Тие ги рефлектираат нашите програми за сѐ.

Ако ние мислиме дека не можеме да имаме доволно пари и нашиот живот е константна борба, ќе го искусиме точно она во што веруваме. Ако веруваме дека бракот или партнерството е тешко да се одржува во хармонија, нема шанси да бидеме во среќна и исполнета врска. Ако мислиме дека животот е константна борба и страдање – од сите страни ќе ни стигнуваат докази дека тоа е точно.

Од друга страна, ако мислиме дека сме способни и можеме да постигнеме било што и ја одржуваме оваа мисла во се’ што правиме – нема сомнеж дека ќе успееме.

Како е ова поврзано со родителство? На секој можен начин.

Кога ќе станеме родители ние сакале или не ги проектираме сите наши програми на нашите деца. Сите наши очекувања за нив: да бидат учтиви, да добијат образование, да имаат хоби, да научат странски јазици, да се вклучат во спорт, да завршат факултет, да бидат најдобри, да бидат совршени и не многу гласни но не премногу тивки, да ги почитуваат другите, да знаат најдоброто да го направат итн… сето ова доаѓа од нас, родителите.

Ние ги сакаме сите овие работи за нив затоа што мислиме дека без некакви грандиозни остварувања не вредиме ништо. Тоа е причината зошто започнува бунтовништво дури и на најмала возраст, затоа што нашите деца имаат лични желби кои не секогаш се поклопуваат со нашите.

Ви ја препорачувам Др. Шефали на YouTube (Dr. Shefali) да ги слушнете нејзините говори за свесно родителство. Таа вели, и се согласувам целосно, дека нашето исцелување и развој на нашата личност започнува дури кога ќе станеме родители.

Родителот треба да работи само на себе си и да не пробува да ја обликува личноста на детето.

Паметен родител учи за свесност и како да се живее присутно во моментот. Знае дека кога детето прави неред, а родителот се фрустрира заради тоа, тоа има врска со неговите (на родителот) лични програми дека животот треба да биде само чист, организиран, предвидлив, под контрола и во совршен ред. Таквиот родител знае дека кога детето плаче и вреска, треба да му пружи љубов и грижа, но не манично да се обидува да го смири и стиши веднаш. Расплакано дете не значи неуспех на родителите.

Родителите кои се едуцираат за родителство добиваат мудрост дека детето си е свој ентитет и гради своја личност. Тука родителот станува ментор и се фокусира кон давање љубов и поддршка. Наместо да креираат стерилна околина во која детето ќе биде константно среќно, тие му објаснуваат дека животот не е розев цело време.

Покрај многуте позитивни работи кои ќе му се случуваат како пријателства, радост, награди, авантури, прекрасни патувања… исто така можно е да доживее и одбивања (можно и одбивање од страна на други деца), дека постојат луѓе со разни карактери и мислења, постојат загуби, и постои и физичка болка во животот, како на пример кога ќе паднат на земја. Животот не е 100% да се биде на среќно место цело време. Туку е баланс.

Сега доаѓаме до посебно родителство. Најпрво, кога детето има ментален или физички предизвик 100% од родителите се шокирани, тажни, фрустрирани и надвор од баланс. Без исклучоци.

Сетете се што кажав претходно: сите ние носиме програми дека треба да искусуваме само позитивно во животот. И тогаш “дете со проблем“ доаѓа и се сметаме себе за губитници, пропаднати, во неволја и безвредни. Што правиме понатаму? Ќе останеме ли на ова место?

Не познавам ниту една личност која би го сакала тоа. Се разбира дека сакаме да одиме понатаму, да ја видиме убавината на животот со сите свои предизвици и да бидеме во мир и радост. А како да го постигнеме тоа?

Со учење дека мораме да ги оставиме нашите посебни деца да бидат она што се и да ги цениме за тоа какви се, а да работиме на себе. Нашите деца имаат силен дух и своја врска со животот, со своите искуства и со Бог. Ние сме одговорни за менување на својата перспектива и да престанеме да ги гледаме како “скршени“, оштетени и ограничени.

Една можна причина зошто ни доаѓаат нашите деца такви како што се е да ни помогнат емотивно да се исцелиме од нашите програми од детството кои не ни служат. Затоа што ако ние, посебните родители, не работиме на себе и нашиот личен развој, ништо друго ни не можеме да правиме. Не можеме ништо да направиме и смениме за нашите посебни деца.

Можете да научите посебно дете да се однесува на одреден начин или да научи некоја лекција? Можете да му наметнете да покажува почит кон други луѓе како што е општествено прифатливо? Можете ли да натерате посебно дете да си ја среди собата или да фрла ѓубре според вашиот распоред? Можете ли да форсирате посебно дете напорно да учи и да оди на факултет? Не, не можете.

Посебните родители не можат да им ги наметнат своите очекувања и желби на своите деца дури и ако сакаат. Единствената работа која ја может е едноставно да ги пуштат да бидат (она што се). И така и ние учиме – како само да бидеме, да постоиме. Да не се трудиме да ги силиме нештата.

Затоа што ако го прифатиме ова, ќе сфатиме дека не мораме да постигнуваме повеќе и да докажуваме дека сме доволно вредни. Кажете ми ако постои поголем благослов од ова. И најдобриот дел е, кога ќе сфатите дека живеење во моментот и само постоење ве прави доволни, тогаш неверојатни работи ќе почнат да се случуваат.

Тогаш почнувате да се запознавате себеси подобро, нови идеи доаѓаат и вие преминувате во “ново јас“ и станувате бестрашни.

 

Да искусиме живот од друга перспектива

 

До сега веќе знаеме дека не постои само еден тип на нормално. Дека сечиј живот е нормален и никој не може да одлучува генерално за сите. Знам дека сакавте здраво дете со предвидлива иднина. Но наместо тоа, добивте посебно дете кое го сакате повеќе од се на светот и кое ви покажува како изгледа безусловна љубов. И ја знаете приказната за Амстердам и Рим, така?

Животот за никој не е само рози и рамен прав пат. Постои убавина и во предизвиците ако ги прифатите и не им се противите. Ако се предадете и вистински го прифатите посебното родителство, ќе се најдете на прекрасно патување со вредни авантури. Ќе пораснете толку многу затоа што ќе успеете во надминување на ограничените уверувања, како на пример: “Само нормалното родителство е вредно“.

 

За да откриеме дека постои начин да бидеме среќни дури и во тешка ситуација

 

Ќе ја научите оваа лекција кога ќе ви биде доста од тага, фрустрација и чувство како да живеете во кошмар. Се разбира, на почеток ќе бидете во одрекување, лутина, шок, страв и грижа за животот на вашето дете, како и за вашиот исто така. За некои родители ова се случува порано, кај некои трае повеќе години. Сега знам дека среќа постои во секоја животна ситуација затоа што го живеам ова на личен пример. Ми требаа скоро четири години да дојдам на местото на кое што сум сега, и ви кажувам дека вредеше.

Ако можам да се вратам наназад, би направила сѐ исто како што правев последниве две години, но ќе почнев порано. Ќе ангажирав тренер за личен развој (ментор) и ќе почнев со читање книги кои ми покажаа друга перцепција, како на пример Man search for meaning, од Виктор Франкл. Би си креирала утринска рутина за која сега знам дека ми носи јасност, фокус и доволно енергија за денот. Посебното родителство не ме промени туку ми покажа дека можам да бидам подобра. Ме научи како да уживам во моментот и да ги ценам убавините на животот.

 

За да инспирираме други и да им донесеме утеха дека не се сами

 

Кога ќе видите некој кој (по ваше) е во тешка ситуација и има тежок живот – си помислувате, “Како ли можат вака да живеат? Им се восхитувам.“ Но за личноста која всушност го живее тоа – не изгледа невозможно.

Нема ништо лошо во наоѓање инспирација кај другите. Би било толку убаво кога сите луѓе би се инспирирале меѓусебно цело време затоа што вистината е дека од секој можеме да научиме.

Посебните родители имаат нешто посебно во нивната храброст и одлучност да успеат и да обезбедат што подобра грижа за своите деца. Така што, мојот последен одговор на прашањето “Зошто?“ е дека посебните родители служат за да ги инспирираат другите околу нив. Можат да инспирираат некого да преземе акција или да не се служи повеќе со изговори. Затоа што ако тие нешто можат да направат – тогаш секој го може истото.

 

Маја Стојчевски е тренер за родители на деца со предизвик. Нејзина мисија е да им помогне на родителите да ги надминат негативните емоции и да постигнат целосно прифаќање и благосостојба за нив и своите деца. Посебното родителство може да биде прекрасно искуство кога ќе се ослободи родителот од сите предрасуди околу дефиницијата за што е нормално. Работи online сесии со родители од целиот свет. Таа е мајка на 6 годишната Јоана која има ментален и физички предизвик, и знае како може да му помогне на секој родител кој се чувствува тажно, несреќно, осудено и заглавено.

Пишува блог на нејзината веб-страница а можете да ја најдете и на нејзиниот Јутуб канал. Постојано учествува во обуки од областа на coachingot. Живее во Нојс (Neuss), Германија.

Везилка Магазин