Лично

„Шест работи што треба да му ги кажете на посебниот родител“

Текст на Маја Стојчевски, тренер за родители на деца со предизвик

Везилка Магазин

Длабоко верувам дека никој намерно би сакал да навреди посебен родител во разговор. Ако некогаш ситуацијата стане малку чудна или родителите сепак се навредени, тоа е најчесто заради недоразбирање или погрешна интерпретација на она што е кажано.

Ако вашите пријатели/соседи или роднини станат посебни родители, знајте дека тоа се истите личности, само што сега минуваат низ стресен период и им треба време да легнат работите. Најдобар начин да им помогнете е да бидете тука за нив. Тоа не значи да бидете тажни како што се тие, да плачете заедно со нив и да се чувствувате депресивно. Тоа не помага. Не можете да станете депресивни да би им помогнале на оние во депресија, да се разболите да би им помогнале на тие што се носат со таков предизвик или да станете нервозни за да им помогнете на оние што имаат проблем со темпераментот. Единствен начин да помогнете на друг е вие прво да бидете на мирно место.

Пред да се сретнете со луѓе што знаете дека се носат со голем предизвик, имајте на ум дека некои теми се болни за нив и некои коментари може да им предизвикаат болка.

Веќе зборував за 7 работи кои не треба да им ги кажете на родители со посебни деца.

Тогаш, што е најдобро што може да му кажете на посебен родител?

Во основа, се` што звучи како поддршка, мотивациски, надежно и забавно.

Посебните родители често одат со своите деца во болница. Постојат многу стресни моменти во одгледувањето посебно дете, но да кажеме дека престојувањето во болница е на врв на листата на стресови. Првите две- три години кога ќе отидевме со Јоана во болница, телефонот ми ѕвонеше скоро цело време. Се јавуваа драги луѓе кои беа загрижени и сакаа да знаат како сме. Значи родителите, сестри, браќа, блиски роднини и  пријатели. Знаев дека се загрижени и не‘ сакаат и сакаат да ни се најдат ако можат. Ама мене анксиозноста и лошото расположение ми беа зголемени на крајот на денот затоа што го имам истиот разговор 20 пати на ден, одговарајќи одново на истите прашања: Што кажаа докторите? Кога ќе ве пуштат дома? Какви испитувања и направија? Какви се резултатите од крв? Престанаа ли нападите? Плаче ли сега? А знаат ли од што е?…и така натаму.

Кога сфатив дека водење на ист разговор по телефон цел ден ми додава анксиозност, врз се‘ друго што се случува, почнав да се прашувам: во кој случај нема да се чувствувам вака? И дојдов до следниот заклучок: им кажав на сите тие драги луѓе кои ги сакам и не‘ сакаат нас толку многу и кои не мислат ништо лошо, дека освен ако немаат нешто смешно да ми раскажат или да ми соопштат добра вест за нешто што им се случува – ич да не ми се јавуваат. И успеа. Од следниот ден ми се јавуваа само да ми раскажат некој виц или нешто смешно што им се случило. Или да си поправиме муабет за некој спомен што го имаме заедно.

Ова многу повеќе ми помогна отколку да зборувам за мојот стрес и да ми биде пред очи цело време сликата како Јоана плаче додека и‘ вадат крв или и‘ прават ЕЕГ тој ден.

Значи, што да му кажете на посебен родител ако целта ви е да направите да се чувствува подобро и олеснето после разговорот со вас?

 

  • Твоето дете е прекрасно.

Не може да згрешите со оваа изјава. Секој сака да чуе дека неговото дете е прекрасно. Има два факти: а. И родителите го мислат истото и б. Вистина е дека секое дете на светот е прекрасно и слатко. Јоана има длабоки сини очи, прекрасни се. И секој што ќе ја види извикува „очите и се прекрасни.“ Иако веќе го знам тоа сепак убаво ми е да слушнам како некој зборува така за моето дете.

 

  • Како си?

Дали е ова едноставно прашање? Не, воопшто. Постои голема разлика помеѓу прашањето “Еј, како си“ ама звучи како да брзате негде, и “Сакам да знам, како си“, прашано со искреност. И потоа бидете подготвени да слушате. Сега додека пишувам, ми поминува низ ум дека ова важи за секој разговор што го водите. Само ако сте искрени со себе “Сакам ли јас вистински да разговарам со оваа личност“, ќе бидете во разговор на меѓусебно задоволство, после кој двете страни ќе се чувствуваат убаво. Ако само сакате да бидете пристојни, да испадне дека сте фини, но реално не сте баш заинтересирани за таа личност, ќе се покаже со време дека таа комуникација е млака и неискрена и тој однос нема долго да трае. Едноставно е – ако ви е грижа – прашајте “Како си“ и потоа слушајте. Ако не, воопшто не почнувајте разговор. Секој може да најде пријатели со кои ќе биде опкружен, и не морате да глумите грижа ако само сожалувате некоја личност.

 

  • Тука сум за тебе

Повторно, кажете го ова ако навистина го мислите. Многу ми значи кога пријатели или роднини ќе ми се јават и ќе ми кажат – “кога и да ти се збори, тука сум.“ Или “Имам 2 часа екстра во сабота, ќе седам со Јоана, излези ти негде.„ Или “барај ме кога сте излезени во парк, ќе дојдам да се подружиме.“ Овие и слични изјави на поддршка се повеќе од добредојдени.

 

 

  • Кажи ми ги сите позитивни работи што денеска детето ги направи.

Ова е прекрасно нешто да се каже затоа што ќе го стимулира родителот да зборува за предностите на детето, неговите мали победи, неговата насмевка, за нешто смешно што се случило, за нов звук што детето почнало да го прави (што за посебно дете може да биде многу голема работа) и така натаму. Ова е важно затоа што ќе го тргне фокусот на родителот од ограничувањата и ќе го насочи кон се што е позитивно и добро во прогресот на детето. Фокусот многу значи. Ако сме фокусирани на негативни работи, се повеќе и повеќе ќе забележуваме негативно. Спротивно, ако почнеме да бараме позитивно, се повеќе ќе забележуваме позитивни работи што ќе не стави во супер расположение и ќе добиваме уште од тоа. На она што се фокусираме, тоа расте. Затоа, најдоброто нешто што може да го направите е да бидете директна причина поради која вашите пријатели ќе бидат порасположени и среќни зборувајќи со вас.

 

  • Имам да ти раскажам нешто смешно.

Моето омилено. За мене смеењето е лек. Сакам да се смеам и секогаш уживам во добар виц, или нешто смешно што ми се случило мене или на соговорникот. И ниту јас ниту било кој родител би сакал секој можен разговор да биде за детето. Дајте ваму се што имате смешно и да се посмееме малку?.

 

  • А што ТИ сакаш?

Многу важно прашање. Ова е важно за сите луѓе, особено за посебни родители. Тие најчесто се ставаат себе на последно место. Секогаш мислат на децата и нивните потреби, комплетно заборавајќи дека и тие се луѓе. Ако прашате посебен родител „А што ти сакаш?“ и слушате, и‘ давате можност на таа личност да мисли на себе, на своите соништа, намери и цели. Тоа може да биде многу моќно. Ова може да ги поттикне на нешто, некој заборавен план или стара желба што одеднаш може да се разгори и можеби ќе преземат некоја акција околу тоа. Дури и да не се случи тоа, сигурно ќе им биде убаво да зборуваат за себе и што тие посакуваат. Убаво е кога сме слушнати од некого.

И за крај, подобро ништо не велете ако немате намера да слушате и ако само гледате да пројдете на редот со вашите прашања. Луѓето секогаш чувствуваат кога сте искрени. Најверојатно и вие сте биле во ситуација кога некој ве прашал „како си„ и штом сте почнале да одговарате ве прекинуваат со својата приказна или некаков коментар што им поминал низ ум во моментот.

Љубезноста и сочувството никогаш не излегуваат од мода.

 

Маја Стојчевски е coach за родители на деца со предизвик. Нејзина мисија е да им помогне на родителите да ги надминат негативните емоции и да постигнат целосно прифаќање и благосостојба за нив и своите деца. Посебното родителство може да биде прекрасно искуство кога ќе се ослободи родителот од сите предрасуди околу дефиницијата за што е нормално. Работи online сесии со родители од целиот свет. Таа е мајка на 6 годишната Јоана која има ментален и физички предизвик, и знае како може да му помогне на секој родител кој се чувствува тажно, несреќно, осудено и заглавено.
Пишува блог на нејзината web-страница https://mayastoychevski.com/. Постојано учествува во обуки од областа на coachingot. Живее во Нојс (Neuss), Германија.
Везилка Магазин