ИнтервјуаНие низ светот

Штипјанка ѝ ги организира патувањата на сестрата на емирот од Катар

Интервју со Павлинка Тренева од Штип, која живее и работи во Катар

Везилка Магазин

Како се случи да заминеш за Катар?

 

– Заминувањето во Катар не беше во целост планирано, меѓутоа идејата да заминам од Македонија на некоја сезонска или привремена работа одсекогаш беше присутна. Далечната 2009 година аплицирав и добив работа во Дубаи, која пред потпишување на договор ја одбив, за што многу пати подоцна се прашував дали можеби требаше да ја искористам таа прилика.

Па така кога работната понуда за Катар во 2012 беше реализирана, без многу двоумење бев решена дека заминувам, спремна на секој ризик и со мислата дека во Македонија секогаш кога ќе посакам можам да се вратам.

 

Почетоците и првиот тим со кој работела Пале – приватна архива

 

Имаше ли тешки моменти, период во кој сакаше да се вратиш назад?

 

– Интересно е што многу луѓе со кои сум разменувала искуства овде, ја наведуваат првата година од преселбата како најтешка и најпредизвикувачка, меѓутоа тоа не беше случај со мене.

Можеби клучен фактор во тоа одиграа годините, бев премногу млада, со мои 22 год. тогаш за мене цела таа промена беше авантура, откритие и позитивно искуство, без разлика на предизвиците од непознато, од носталгија, од пропуштени важни моменти назад дома.

 

 

Тешките моменти се случија подоцна, кога ќе навлезеш во одредена рутина, кога ќе надојде себесознанието, тогаш доаѓа она “што понатаму” , “зошто овде”, “можеби можеше поинаку”итн.

 

Работеше како фризерка и шминкерка. Има ли разлика во желбите за разубавување на Македонките и Арапките?

 

Да, добри 6 години работев како фризер/шминкер. Во последните години и нема голема разлика, трендот што владее на социјалните мрежи посебно во оваа индустрија е тренд секаде во светот. Меѓутоа на почеток да разликите беа огромни, Арапките преферираат многу поизразена шминка, тоа што во Македонија е “шминка за свадба”, овде е секојдневна, природна шминка.

 

Пале со клиентка – приватна архива

 

Но како што напоменав претходно, многу нешта се сменија овде, младите девојки ги следат светските трендови, со тоа и нивните побарувања и стил се сменети.

 

Дали си разубавувала познати личности?

 

Познати или VIP личности во Катар се најчесто членовите од владетелското семејство, и да сум работела со многу од нив.

 

Веќе една година си асистентка за односи со јавноста и патувања на една од сестрите на емирот. Кои се всушност твоите работни задачи и како дојде на оваа позиција?

 

Долги години работев како нејзин личен шминкер, честите средби и разговори го надградија нашиот однос од професионален во пријателски. Неколку месеци откако престанав да работам во салон ја добив оваа понуда и решив уште еднаш да се впуштам во непознат предизвик.

 

Пале во Оман – приватна архива

 

Тешко е да ги дефинирам на кратко работните задачи , некои од нив се од организирање до целосна реализација на состаноци, забави, патувања, присуство на многу од нив, одржување на контакт со фирми и личности итн.

 

Во Катар го запозна и твојот сопруг со кого го чекате вашето прво дете. Познава ли љубовта разлики?

 

Јас цврсто верувам дека не познава, но ние се пронајдовме баш во сличностите, а не разликите. Мислам дека кога живееш далеку од дома и опкружен со толку многу култури, религии, традиции, начини на живот, на крај некако најблизу до срце ќе ти биде кога ќе сретнеш некој сличен на себе.

 

На потпишување на граѓанскиот брак – приватна архива

 

Твојот сопруг е од Бејрут, градот кој пред неколку дена доживеа огромна катастрофа. Каква е состојбата таму? Какво е чувството да се гледа уништен овој преубав град?

 

Да, згрозувачки страшно е, болниците ако не се срушени тогаш се преполни, стотици исчезнати лица, илјадници срушени домови. Беирут е подложен на тешки катастрофи многу децении наназад, но верувам дека од ова ќе му треба многу време да се опорави, случајност или не, во екот на најголемата економска рецесија која му се случила на Либан во последните можеби 100 години, ќе биде премногу тешко да се издигне. Горда сум што уживав во убавините на оној Беирут кој за жал никогаш повеќе нема да биде ист.

 

Пале во Бејрут – приватна архива

Ти недостасува ли Македонија, Штип? Колку често доаѓате?

 

СЕКАКО. Посебно во овој период кога е малку тешко за патување. Доаѓам релативно често со оглед на далечината, 3-4 пати годишно, а доаѓаат и мајка ми и сестра ми и пресреќна сум поради тоа, можеби и можноста што можеме да се гледаме и патуваме често и придонесе во мојот долг престој овде.

 

Во Катара со сопругот, мајка ѝ и сестра ѝ – приватна архива
Везилка Магазин

Напишете коментар