ЛичноРодителство

Што да направите ако тукушто дознавте дека вашето дете би можело да има физички и/или ментален предизвик?

Везилка Магазин

 

Не учат зборовите, туку искуството. Затоа нема да ви кажам што да правите, но ќе ви го кажам моето искуство на темата.

Кога за прв пат дознав дека Јоана би можела да има предизвици во развојот, се сеќавам колку бев шокирана. И тоа чувство ми потраја некое време.

Природно, следната станица беше прегледи кај други доктори за второ, трето и четврто мислење. Исто така, веднаш почнавме да одиме на разни физикални терапии и слично. Во основа, ги преземавме сите можни чекори со цел да обезбедиме за Јоана сѐ што може да ѝ го поттикне развојот.

Во тој период, почувствував потреба да се конектирам малку подлабоко со мојата спиритуална страна. Одев во црква скоро секоја недела и се обидував да најдам внатрешен мир и одговори на некои прашања.

Се сеќавам дека тогаш кога и да бев во состојба на екстремна тага и ми требаше да плачам, чувствував многу вина. Причината беше тоа што членови од најблиското семејство се плашеа дека сопругот и јас ќе западнеме во длабока депресија. Кога и да заплачевме тие (скоро едногласно) почнуваа: “Мора да сте силни, ајде, приберете се. Не плачете. Ѝ требате на Јоана…’

Интересно е како се променив во тој поглед во последниве шест години и како денес потполно инаку би реагирала. Како прво, би си плачела кога и да ми се плаче. Како иначе да процесирам сѐ што се случуваше?

„Не плачи“ и „Биди силна“ не се добри совети. Не им го кажувајте тоа на луѓето. Затоа што мора да се справуваме со емоциите во моментот. Ако во моментов имате потреба да бидете малку тажни – бидете тажни, не е крај на светот. (Патем, денес немам проблем со солзи, ниту некој друг кога плаче пред мене. Моите клиенти го знаат ова и знам дека им значи тоа што можат да си ја олеснат болката пред мене без да добијат сожалување или осуда, туку разбирање).

Исто така, се сеќавам дека прилично се самосожалував себеси и моето дете. Тоа е нешто што денес повеќе не го правам, затоа што едноставно тоа е останување во лоша енергија. Во последните две години наместо да ја сожалувам Јоана, ѝ праќав позитивни вибрации, како “Ти се восхитувам колку си силна и храбра. Ти се радувам и те ценам и ја почитувам твојата перцепција низ која го живееш животот. Те прифаќам точно каква што си.“

Денес имам мир знаејќи колку убава атмосфера на прифаќање, радост и љубов креирав околу неа 24 часа на ден.

Но природно е на почетокот да чувствувате жал и за вас и за детето и не се критикувајте заради тоа.

Исто така, се споредував со сите околу мене кои не се соочуваа со ваква ситуација и се прашував: “Зошто јас? Зошто не можам да го имам тоа?“ Ако го правите и вие ова, природно е затоа што шокот и неверувањето дека не го добивте детето што сте го посакувале траат подолго време.

Да знаев тогаш она што знам сега, многу работи поинаку ќе ги направев.

Делот каде што одевме од болница на болница, од град на град и од една во друга држава – би останал ист. Повторно би барале најдобра медицинска грижа за Јоана. Тука нема дискусија.

Но, ако би била сега на почетокот, би правела работи и би преземала акции од позиција на мир. Не од позиција на страв, грижа, паника и фрустрација.

Гледајќи наназад, моите акции доаѓаа од место на грижа и несигурност. Јас вистински не очекував работите да станат подобри. Бев префокусирана на сето она што тргна наопаку, наместо на она што беше позитивно во моментот. Таквиот начин на размислување ми донесе многу стрес.

Денес би била смирена и би била сигурна дека сѐ ќе станува полесно откако ќе слегне ситуацијата и некако работите сами ќе почнат да се редат.

Не велам дека ништо не би правела и само ќе чекам сѐ само да се среди. Туку дека би преземала акции и би ги следела своите идеи и интуиција на многу посмирен начин.

И понатаму би одела често во црква затоа што тоа ми помогна да бидам поприсутна и да се поврзам со својата спиритуалност. Но, исто така би се свртела и кон многу книги.

Прво би ја земала Разговори со Бога од Нил Д. Волш и би ја прочитала многу бавно и многу внимателно. Оваа книга ми даде многу одговори и ме научи да ги поставувам правите прашања.

Сфатив дека поставувам многу погрешни прашања, како: “Зошто јас? Зошто моето дете?“ А наместо тоа треба да прашувам: “Што можам сега да правам кога е како што е? Како да го живеам животот најпотполно што можам? Што учам преку ова искуство? Каква е поголемата слика?“

Оваа книга и многу други кои ги прочитав ми донесоа мир и јасност и навистина ми помогнаа да си ги проширам видиците. Советот „читајте“ секогаш ќе го има на моето мени?.

(забелешка: Книгата Разговори со Бога, ја прочитав на англиски. Ја препорачувам исклучиво во оригинална англиска верзија. Откако се воодушевивме со сопругот, им ја подаривме на нашите мајки македонската верзија. Не беа баш импресионирани. Кога ја прелистав на македонски, веднаш видов и зошто. Како прво, ако ја најдете на англиски ќе видите дека многу фрази не е возможно да се преведат буквално. Со тоа многу се губи од смислата. А како второ, во преводите многу е скратено од оригиналната книга. )

Следно, би се „наштелувала“ на максимум верба и знаење дека сѐ ќе биде полесно и подобро. Дека ќе се навикнеме на новото нормално и дека ќе започнеме да искусуваме некоја друга страна во нас што не сме ни знаеле дека ја имаме.

Исто така, веднаш би најмила тренер за личен развој (life coach). Би си поставила цели и би најмила професионалец да ме води кон нивно остварување. Затоа што сега знам дека не мора да го правам тоа сама, и дека е многу поефикасно и подобро ако имате некој да ве води.

Веднаш би вовела утринска рутина. Тоа значи будење од прилика во исто време секое утро. И потоа практикување медитација, физичка активност, водење дненик и фокусирање на благодарност. Целта на ова е практично да се постави намера за позитивен став преку целиот ден. Ова навистина помага и е корисно и ќе ви донесе мир и енергија. Кога ќе се ставите во таква состојба оптимизмот природно ќе ви доаѓа.

Конечно, ако сте тазе посебен родител, сакам да ви порачам дека ако само што дознавте за состојбата на детето, најдете инспирација во слични приказни како вашата. Нема да најдете идентична, затоа што приказните на сите ни се уникатни. Најдете Фејсбук групи за посебни родители, подкасти кои се водени од посебни родители и сл.

Можеби постои решение за состојбата на вашето дете. Комуникација со други родители може да ви донесе многу позитивни работи. И убаво е чувството да знаете дека не сте сами.

Знајте дека сега е време за промена. За големо поместување. Сакале вие или не, ќе се променат многу работи затоа што сега имате посебно дете кое треба да го одгледувате. Затоа ќе треба да направите прилагодувања во вашето секојдневие. Земете во предвид дека единствената причина поради која ова ви се случило на вас како семејство можеби е да смените нешто кон подобро.

На крајот, можеби само сте добиле мало учителче да ве научи дека е можно да живеете поинаку и со поинакви исходи.

 

Маја Стојчевски е тренер за родители на деца со предизвик. Нејзина мисија е да им помогне на родителите да ги надминат негативните емоции и да постигнат целосно прифаќање и благосостојба за нив и своите деца. Посебното родителство може да биде прекрасно искуство кога ќе се ослободи родителот од сите предрасуди околу дефиницијата за што е нормално. Работи online сесии со родители од целиот свет. Таа е мајка на 6 годишната Јоана која има ментален и физички предизвик, и знае како може да му помогне на секој родител кој се чувствува тажно, несреќно, осудено и заглавено.

Пишува блог на нејзината веб-страница а можете да ја најдете и на нејзиниот Јутуб канал. Постојано учествува во обуки од областа на coachingot. Живее во Нојс (Neuss), Германија.

Везилка Магазин