ИнтервјуаНие низ светот

Ѓоко Ризов: „Моите слики ме разбирале пред да успеам да се разберам самиот“

Интервју со Ѓоко Ризов, уметник од Амстердам, Холандија

Везилка Магазин

Кога почнувате да навлегувате во личниот свет на Ѓоко Ризов, сфаќате колку длабоко тој живее и диши за својата уметност, сѐ уште негувајќи ги строгата полициска дисциплина и аналитички пристап, нешта што ги научил за време на воената академија и својата полициска кариера како инспектор во Единицата за економски и компјутерски криминал во Скопје, а подоцна и помошник началник.

Кога духовниот свет доаѓа до точка на делење, постојат само два избора: или остануваш на патот кој те ограничува и прави несреќен само затоа што ти е познат и комфорен, барајќи надворешни фактори да те направат среќен и комплетен, или правиш чекор во непознатото, го слушаш своето Јас за прв пат во животот и верувајќи во својот избор црташ нова траекторија и проектираш едно сосема ново секојдневие за себе. Ѓоко го одбрал второто, на сред пандемија, во туѓа држава, оставајќи ја зад себе својата полициска кариера и целосно посветувајќи му се на својот животен сон – уметноста.

Амстердам го ослободил и го променил. Борејќи се за место во уметничките кругови, Ѓоко работи секакви работи, но никогаш не ги остава четките, па за неполни 4 месеци успешно се претставува пред публиката во Холандија со уметничкиот перформанс „Reflections and frames“ во којшто ги истражува свесните и несвесни тендеции на човековите потреби за прикривање на емоциите и себе-спознавање.

Десет дена по перформансот во Холандија, неговите дела му ја носат соработката со познатиот пијанист и композитор Маргин Александер од Њујорк, кој инспириран од неговите слики, го вклучува Ѓоко во интернационален настан насловен „Abstractions have voices“ заедно со единаесет други уметници, каде Маргин компонира и изведува музички дела инспирирани од делата на уметниците. Со ова, делата на Ѓоко добија глас, во буквална смисла на зборот.

Непосреден, отворен, со длабоко разбирање за својата и човековата психологија и со неуморлива енергија за она што го љуби и посакува, во ова интервју за Везилка Ѓоко за прв пат прозбори за својата борба со депресијата и анксиозноста, но и за желбата и силата да ги надмине и да почне да живее автентичен живот каков што долго и длабоко посакувал.

 

Да започнеме од крајот за да го осознаеме почетокот и причините зошто сѐ се случувало токму така како што требало. Како еден помошник началник во Единицата за економски и компутерски криминал на сред пандемија остава сѐ позади себе и впливува во длабоките води на уметноста, и тоа не дома, туку на туѓ простор – во Амстердам?

 

Ѓоко: Работата и функцијата во МВР не беше тешко да се остави – земав одмор, најавив дека после одморот нема да се вратам на работа, се поздравив со колегите и си заминав. Потешкиот дел беше оставањето на блиските луѓе, но среќа имаме нискобуџетни летови, па може лесно да се менаџира далечината.

Сфатив дека пандемијата е само изговор, како и многу други кои во минатото ме кочеле. Aко чекав, можеби никогаш немаше да дојде „вистинскиот  момент“. Стравот го заменив со љубопитност и работите започнаа сами по себе да се подредуваат.

На последниот ден со колегите од МВР – приватна архива

Во Македонија имав еден или можеби два неуспешни обиди да се вклучам во уметнички проекти, но кај нас ако не си академски сликар веднаш си во категоријата на лоши аматери и нема многу простор за поголема афирмација.

Иако со години сликав и успешно продавав слики во техника масло на платно, сепак не направив повеќе, знаев, а подоцна и во неколку наврати ми се потвди фактот, дека во Македонија е тешко дури и за академските сликари, а уште потешко за аматери како мене без уметничко образование да добијат било каков простор за докажување, па поради тоа ја изгубив и желбата.

Амстердам – Холандија,  тука никој не го интересира дали имам уметничко образование, од каде доаѓам и кој сум, или им се допаѓа нешто или не. Холанѓаните, а и луѓето дојдени да живеат тука се доста директни и ја немаат онаа куртоазија на која сме навикнати во Македонија.

Со повеќе од 50 музеи, безброј галерии, настани и фондации за уметност, како и фактот дека со англиски јазик може без никаков проблем да се функционира во секоја сфера на општествениот живот, Амстердам беше вистинскиот избор за почеток на уметничка кариера. Исто така, претходно во 2017 година во Амстелвеен Холандија, имав самостојна изложба која беше доста успешна, па некако логично беше повторно да се вратам.

 

Низ годиниве неколкупати земаше неплатен одмор од работа за да поживееш во неколку европски градови, меѓу кои и Амстердам, за да го опипаш пулсот на градот. Се сеќаваш ли со какви чувства се врати по првата посета од Амстердам?

 

Ѓоко: Во Амстердам прв пат дојдов како турист во 2010 година, кога немаше веќе визи за ЕУ, а јас тазе вработен во МВР, па за прв пат можев да си дозволам да излезам малку подалеку од Балканот, но вистински го доживеав дури во 2015 година кога престојував подолго.

Нема зборови со кои може да се опише чувството на слобода, помешано со 180-те различни националности кои живеат во градот. Луѓето одамна расчистиле со сите непотребни фрустрации и предрасуди, го слават и го живеат животот со сета своја убавина, градот има посебна магија неповрзана со сите познати стереотипи за Амстердам. Во целата таа слобода и понуда на сѐ и сешто, човек може лесно да се изгуби ако нема фокус и самоконтрола.

Амстердам, 2010 – приватна архива

Се сеќавам дека во Македонија се вратив со целосно друг мајндсет, друга енергија, сето тоа помешано со чуството дека, на само 2000 километри од Скопје, уметноста е ставена на пиедестал и се слави секојдневно.

Кратко по враќањето се соочив со сѐ што не сум ни бил свесен претходно дека ми пречело во Македонија. Видов колку многу влијае опркужувањето и колку често не знаеме и не можеме да го уживаме животот, колку влијаеме едни на други со негативното размислување и однесување. Често сме разочарани и несреќни или форсираме некоја токсична позитивност.

Монмартр, Париз, 2016 – приватна архива

По кратко време се адаптирав и полека, за месец до два, се вратив целосно во македонската „нормала“, но во наредните години уште неколку пати земав неплатен одмор од три месеци и повторно патував и живеев надвор од Македонија.

 

Зошто Воена академија, а не ликовна, и кој и што најмногу влијаеше врз твојот избор?

 

Ѓоко: На 14 години, кога завршив основно образование и дојде време за средно, изборот беше помеѓу геодезија и уметничко, но одбрав геодезија. Изборот беше мој, ја имав таа слобода од моите дома, но секако мојот избор индиректно беше под влијание на многу општи предрасуди за уметноста како професија, како и од фактот дека ми одеа природно-математичките науки и спортот, помешан со можноста уметноста да биде само хоби.

Ѓоко со баба му, центар за обука Пепелиште – приватна архива

По средното образование веќе и не размислував за уметност, па одлучив да се запишам на Воената академија во Скопје, но ми требаше време да сфатам дека уметноста е она што ме исполнува и движи во животот, а не „перспективно образование“, „сигурна работа“ и еден куп други норми и слични предрасуди наметнати од општеството со кои требаше подоцна во животот да расчистам и кои тогаш влијаеле на мојот „разумен“ избор.

Со семејството, на Воена академија – приватна архива

 

Интересното е што ти создаваш уметност веќе 18 години, што значи на релативно млада возраст го откри својот повик, но сепак остана на другата патека. Која предрасуда ти беше најтешко да ја надминеш?

 

Ѓоко: Од денешна перспектива гледано, не би променил ништо, спојот на „другата патека“ и кретивноста во мене денес го сметам за свој најголем адут. Студирањето четири години Воена академија и подоцна работењето во полиција, денес ми се од голема полза во целиот процес на миграција и организирање на нов живот далеку од дома. Полесно можам да си поставам цели и да се придржувам до одредени принципи кои премногу ми помагаат и како личност, но и во процесот на создавање и промоција на мојата уметност.

На Воена академија – приватна архива

Најголемите предрасуди кои морав да ги надминам беа тие дека уметноста може да биде професија од која може да се живее и дека за да се наречам уметник не ми треба уметничко образование. И аматерскиот уметник е сепак уметник, исто колку и уметникот што ја залепи бананата на ѕид во галеријата во Мајами. Дека за среќен и исполнет живот не се битни функцијата, парите или другите материјални работи.

Сигурност не постои во животот, тоа било само илузија што ме спречувала да го разбудам целосно уметникот во себе, да го живееам животот со полни гради и да се обидам да бидам среќен со она што го работам. Во животот никогаш не е доцна за ништо и нема „право“ време.

 

Пред неколку години помина борба со депресијата и анксиозноста. Живеејќи во средина како македонската, кој момент во целата борба ти беше најтежок и кој најмногу ти помогна и те сфати низ што поминуваш?

 

Ѓоко: Имав неколку периоди во животот кога несвесно и без посебно внимание искусував состојби на депресија, анксиозност или одредено незадоволство кон себе, состојби кои ги игнорирав. Верувам дека поимите „депресија“ и „анксиозност“ се еден огромен спектар и секоја личност ги доживува и манифестира различно. И покрај тоа што од страна на стручно лице официјално никогаш не ми е дијагностицирана депресија или анксиозност, внатре во мене често постоеше чувството на заглавеност, безвредност и себесаботирање, кое ме спречуваше да имам квалитетен живот и здрав однос со себе и со луѓето околу мене.

Во 2018 година ги имав најголемите емотивни борби и тригери кои ме туркаа кон одлуката да посетам психолог и да почнам со психотерапија, што беше и најтешката одлука бидејќи на почетокот имав отпор, што заради илузијата дека психологот нема да ми каже нешто што веќе не го знам, што заради помислата дека сѐ ќе среди само од себе и дека немам потреба од психолог, но не беше така.

Најпрво имав неколку неуспешни обиди за започнување на психотерапија, но подоцна, по посета на неколку психолози, кликнав со еден од нив и процесот почна. Одењето на психотерапија ми помогна да се запознаам себеси, да го исклучам автопилотот и да го преземам животот во свои раце. Работата на себе е процес што нема крај, но добро е да се почне од некаде. Сфатив дека психологот нема со магично стапче да ги реши проблемите, туку ќе иницира и помогне во процесот, а целата работа сепак треба да ја завршам јас.

Во целиот тој процес на себепронаоѓање, сфатив дека тоа не е патување за да станам нешто, туку да не останам нешто што не сум јас. Патот на себеспознавање воопшто не е лесен, бараше од мене да се соочам со сите добри, но поважно – со сите лоши страни во себе, да ги прифатам и да им ја одземам моќта преку свесност и признавање, а тоа е долг пат кој сѐ уште го чекорам.

На почетокот не ми беше многу пријатно да зборувам за тоа дека одам на психотерапија, но подоцна, кога веќе почнав да работам на себе и почнав и послободно да зборувам за моето искуство, сфатив дека многу луѓе веќе посетиле или размислуваат да посетат психолог. Научив дека секој од нас поминал, или поминува, низ некакви емотивни бури во животот, дури и луѓето за кои мислиме дека сѐ им оди од рака. Ме радува што во Македонија сѐ повеќе луѓе зборуваат гласно за борбата со депресијата, аксиозноста и слични состојби.

На перформансот „Рефлексии и рамки“ во Амстердам, 2021

Во целиот тој процес имав поддршка од моите родители и неколку блиски луѓе, на кои сум им неизмерно благодарен, но најголема подршка и разбирање имав од сестра ми Тања.

 

На 21 август во Амстердам беше дел од ликовна изложба на седум автори и успешно постави уметнички перформанс во живо кој го нарече „ Reflections and frames “ (Рефлексии и рамки). За да биде дел од овој перформанс, од Виена допатува и твојата соработничка, Александра. Која беше нејзината улога и што ти сакаше да му покажеш на светот преку овој перформанс?

 

Ѓоко: Идејата за перформансот ја имав подолго време, но беше апстрактна и недефинирана. Се пријавив на отворениот повик од галеријата SoundLightColor каде седум одбрани уметници меѓу кои и јас, требаше да изложиме свои уметнички дела, а во сите тие преговори сосема случајно на Gianna Di Biase, кураторка во галеријата, ѝ ја претставив идејата за уметничкиот перформанс, за која таа беше воодушевена и со задоволство ја прифати. Во тој момент сѐ уште немав дефинирано како точно ќе го изведам перформансот, па имав моменти на паника, а често подоцна во самиот процес и „импостер синдромот“ работеше на стотка.

Следеа некои две недели на креативно лудило, се редеа идеи, среќавав и контактирав луѓе преку кои добивав инспирација за концепирање на целиот перформанс. Паралелно започнав интензивно да сликам портрет и да ги средувам сите детали, а на моја огромна среќа многу луѓе се вклучија и ми дадоа поддршка и помогнаа во тој процес.

Излегуваа еден куп пречки, а времето беше премногу кратко за да се завршат сите активности. На два дена пред перформансот застанав и си дозволив да не ме кочи перфекцијата, си реков дека и да не успеам да го направам онака како што сакам, сепак за прв пат правам уметнички перформанс и во име на уметноста правам  нешто многу лично и сакам да покажам идеја во која искрено верувам. Тоа беше моментот што ме ослободи и дури тогаш многу лесно сѐ си дојде на свое место.

Александра Црвенковски не случајно беше вклучена во целиот перформанс, бидејќи таа исто така има поминато низ слични внатрешни емотивни борби и процеси на анализа и себе-спознавање, а нејзините размислувања околу овие теми, во исто време и отвореноста да зборува и да го изнесе сето тоа јавно, беа важни за самиот перформанс.

Перформансот преку огледала, портрети и лица, во интерактивна форма со посетителите ги истражува свесните и несвесни тенденции за ставање маски и етикетирање на се околу нас, и го поставува прашањето дали постои вистинско лице и кое е тоа, колку често лицето во огледалото се спротиставува на сликата што му ја покажуваме на светот.

Што е тоа во нас што нѐ спречува да ја покажеме понекогаш и емотивната или ранливата страна? Зошто сите ние се стремиме да изгледаме среќно и убаво, особено на социјалните мрежи, на портрети? Дали некогаш трошиме повеќе енергија да изгледаме среќни пред светот отколку да работиме на тоа да сме вистински среќни во себе, па често поради тоа среќата, тагата, депресијата, анксиозноста и други состојби и емоции изгледаат непрепознатливи на лицето?

Преку перформансот се обидувам да го визуелизирам прашањето какви сме пред себе, како се претставуваме пред другите и како другите нѐ доживуваат, колку можеме да се гледаме во огледало такви какви што сме или такви какви што мислиме дека сме, и колку сме спремни „вистинското лице“ да го спознаеме и покажеме пред светот. Кои изговори ги користиме за да ја промениме сликата во огледалото и да бидеме вистински среќни.

Во перформансот е портретот на Александра, која исто така е присутна со контрадикторна рефлексија во огледало. Јас не останувам долго пред огледалото, заминувам со најчестиот изговор: „Не денеска, најверојатно не утре, но наскоро“ и го отстапувам огледалото на посетителите.

Во иднина перформансот ќе се развива и трансформира, во него ќе се вклучат и други учесници,  ќе се развие и визуелизира целиот концепт во подлабока и посуштествена смисла, ќе патува и ќе биде претставен на неколу места во Европа, а се надевам и пошироко.

 

Те ослободи ли животот надвор од Македонија? Си дозволуваш ли сега почесто да ја носиш својата вистинска „маска“ и каде во себе најмногу ја почувствува таа промена?

 

Ѓоко: Да, ме ослободи животот надвор од Македонија. Не следам политика, фрустрациите и разочараноста од нефункционалноста на системот, наталожена со децении, многу брзо исчезнаа кога ја променив средината, дишам чист воздух.

Кога дојдов во Холандија, веднаш „уште од аеродром ме чекаа куратори од 10 галерии со четките во раце, црвен тепих и јас уметникот, требаше само да одлучам од каде да почнам.“ И почнав, два месеца миев садови во ресторан, а денес, и по пет месеци во Амстердам, паралелно со уметничките ангажмани сѐ уште работам во магацин-фабрика.

Свесен бев дека миграцијата нема да биде лесна и дека нема преку ноќ да бидам исполнет и успешен, но знаев и дека ќе бидам на место кадешто многу работи функционираат и каде полесно ќе можам да работам на себе во насока на исполнување на таа цел. Системот во Холандија нуди бесплатни курсеви за јазик и дошколување, но и безброј други можности за личен развој. Постојат и многу фондации за уметници, па се надевам дека еден ден уметноста ќе ми ги плаќа сметките за живот.

Вистинска маска, или подобро кажано „вистинско лице“ сметам дека не постои, но и да постои, на некој начин тоа е флуидно како и сѐ околу нас, бидејќи ние сме постојано во одредена состојба на еволуција, растење, развивање и адаптирање и тоа нѐ променува во секоја смисла.

Јас лично не сум истиот што сум бил пред една, две или неколку години и фала Богу што е така.  Промената ја почуствував најмногу во внатрешниот мир, чувството на вредност и исполнетост, енергија и желба да ги искористам сите можности и да ги остварам своите соништа.

 

На 31 август беше дел од онлајн настанот „Abstractions have voices“ на истакнатиот композитор и пијанист Маргин Александер од Њујорк, на којшто, инспириран од дела на дванаесет автори, Маргин создаде композиција за секое уметничко дело кое го инспирирало. Како дојде до оваа соработка, и се чувствуваш ли како конечно твојата уметност да добила музички глас?

 

Ѓоко: Соработката со Маргин Александер започна случајно на почетокот на март оваа година, кога на мојот Инстаграм профил на една уметничка слика Маргин постираше коментар со којшто изрази воодушевување од мојата уметност и побара да ги изложи  моите слики во негов уметничко – музички проект што требаше да се случи на 21 март.

Понатаму комуникацијата продолжи преку пораки на Инстаграм при што тој ми го претстави настанот и целата замисла, но во наредниот период ништо не се случи, а јас веќе бев започнат со подготовки за селење од Македонија.

Со Маргин Александер во Амстердам – приватна архива

После неколку месеци, поточно во јули, кога веќе бев преселен во Холандија, повторно добив порака од Маргин во која што ме информираше дека на 31 август ќе се случи настанот на кој тој ќе компонира и изведе уметничко дело инспирирано од моите слики, а во истиот ќе учествувам заедно со единаесет други уметници од девет различни држави.

Во меѓувреме, на 18 август Маргин имаше концерт во Амстердам и успеавме и лично да се запознаеме. Во наредните неколку дена преку е-маил комуникација со неговиот менаџерскиот тим ги добив сите детали и инструкции поврзани со целиот настан.

На 31 Август во Њујорк мојата уметност во буквална смисла доби глас – прекрасна мелодија компонирана и изведена од Маргин Александер. Видео записот од настанот беше пратен до повеќе куратори и галерии во САД, па сега сум во неколку преговори за соработка и се надевам дека за брзо време ке се случи нешто конкретно.

 

Велиш: Создавајте, уметноста е поефтина од одењето на терапија. Колку уметноста те „спасува“ тебе?

 

Ѓоко: Уметноста ме спасувала уште пред  да бидам свесен за тоа, сликам од многу рана возраст, но од 17 години започнав со техника масло на платно. Од тогаш неколку пати имам паузирано, но секогаш по одреден период се враќав и никогаш не го оставив сликањето или пак тоа не ме остави мене.

Кога од денешна перспектива ги набљудувам сликите насликани пред десет или повеќе години, ја гледам и ја разбирам емоцијата и приказната што несвесно излегувала од мене, како терапија која ми била потребна во тој момент. Моите слики ме разбирале пред да успеам да се разберам самиот.

Сликањето е најдобрата терапија што сум си ја давал на себе, момент на медитација, сензации и емоции од коишто се родија многу уметнички дела.

 

Дел од уметноста на Ризов:

Везилка Магазин