ИнтервјуаМузика

Јана Мицевски – македонското девојче виолинистка, музичка сензација во Хрватска за која светот допрва ќе слуша

Интервју со Филип Мицевски, татко на Јана и музичар од Осијек, Хрватска

Везилка Магазин

Читајќи низ информациите на Фејсбук, наидов на коментар од мојот пријател Васко Дуковски, извонреден музичар кој во моментов живее и работи во Кина, на профилот на Филип Мицевски, со којшто му честита за освоената награда на ќерка му Јана. Нема потреба да споменувам дека Филип веднаш го додадов и контактирав, бидејќи вакви информации за наши Македонци низ светот не смеат да поминат незабележано! Посебно кога се работи за дете талент како Јана, која е едноставно прекрасно девојче.

Јана Мицевски – приватна архива

Галичанец по потекло, а и во душа, Филип својот живот го посветил на басот и семејството и најсреќен е кога свират заедно со сопругата Тена, која свири виола и ќерката Јана, која љубовта ја откри во виолината.

Во разговор со Филип, ја дознавме нивната приказна и патешествие наречено „Живот надвор од Македонија“ кое и ден денес, со иста љубов и страст, го градат во Осијек, Хрватска, како и сите успеси и награди кои малата Јана ги реди од првиот момент кога стапнала на сцената пред само една година.

Филип Мицевски на сцена – фото Шиловинац

 

Дали самите си ја креираме судбината, преку сонување на реалноста која вистински ја посакуваме или прифаќаме дека животот ни се случува по однапред утврдена траекторија на која ние немаме влијание?

 

По завршувањето на факултетот, во 2008 година Филип се нашол на раскрсница помеѓу желбата да остане во својот дом и Македонија и потребата од финансиски средства за живот, што во тој момент ги добивал повремено и нередовно, свирејќи на настани и тезги. Благодарение на неговиот драг професор, Велко Тодевски, кој го водел неговиот музички пат од средно до крај на факултетот, Филип дознал за аудиција во операта во Осијек и за момент се помислил.

„Не се мисли, да сум на твое место и пешки би одел!“ биле доволен поттик од професорот за Филип да се одлучи да се пријави, да ја пополни потребната апликација и да се појави на аудицијата.

Филип со синот Калин – приватна архива

На овој вљубеник во музиката на Оливер Драгојевиќ и ден денеска не му е јасно како во животот завршил онаму кадешто од секогаш сонувал дека сака да биде. Растејќи со неговата музика и замислувајќи го животот во Хрватска, во пролетта 2008 година, набрзо по аудицијата, сонот станал јаве кога добил одговор дека е примен како Водач Контрабас 1 бас и дека од есента истата година, го очекуваат да се пресели и започне со работа во операта во Осијек.

Филип Мицевски на сцена – приватна архива

Животот во новата земја му започнал во 2008 година, а со сопругата се запознале во операта кога и двајцата, во период од еден месец, започнале со работа. Тринаесет години и две деца подоцна, среќата сѐ уште ја гради во градот, за кој вели дека е најзелениот и најфамилијарниот во Хрватска.

Филип со сопругата Тена – приватна архива

Ќерката Јана се родила во 2011 година и од најрана возраст времето го поминувала со родителите на проби, балет, театар и опера, и можеби природно ѝ се наметнал интересот кон музиката, но талентот кој го носи е повеќе од само “интерес”.

Филип и Јана – приватна архива

Јана за прв пат виолина добила на тригодишна возраст, кога започнала со учење на техника на поставување, држење и стоење и од тогаш таа станала нераздвоен дел од нејзиното секојдневие. На пет години започнала интензивно да работи со професори, а од средината на 2019 година започнала со поинтензивни проби и вежби за натпревари.

 

Леснотијата и разиграноста со која ѝ пристапила на виолината биле доволна потврда за родителите дека правиот инструмент е избран, а можноста да работи со професори Унгари, кои се вбројуваат меѓу најдобрите гудачи во светот и ги има во голем број во Виенската Филхармонија, била дополнителен бонус во приказната.

Јана Мицевски – приватна архива

Првиот натпревар на талентираната Јана, сега веќе 10-годишно девојче, бил државниот Лајф Музик АРТ во Арад, Романиа, на почетокот на 2020 година, каде била апсолутен победник и го освоила гран при-то во сите категории. Не требало ништо повеќе од еден таков поттикнувачки старт, за своеглавата и авандгардна Водолија да продолжи да чекори кон успесите.

 

Апсолутен победник и Гран при во Романија – приватна архива

 

“Јана уште од првиот натпревар добива награди. Нема страв, ниту трема, сака да свири, горда е на себе и од почетокот кога ја зема виолината во рака на 3 години со сопругата се погледнавме и знаевме дека ќе биде посебна. Самата ја држеше виолината ко да веќе свирела во некој претходен живот”.

 

По гран при-то во Романија, следувало прво место во нејзината категорија на државниот натпревар во Загреб, во конкуренција од деца од 76 музички школи во Хрватска, па следела Полихимниа во Скопје, каде исто така освоила прво место со максимални 100 поени.

Државен натпревар во Загреб – приватна архива

На следниот Интернационален Московски Музички Онлајн Натпревар во Русија повторно освоила прва награда во својата категорија и на последното, Персатуан Чопин Малезија го освојува третото место.

Филип, Тена, Јана и братчето Калин во моментов пробуваат да го имаат најнормалното можно секојдневие, со оглед на ситуацијата. Школото и градинката им се дневни обврски, а Филип вели дека не престанал да оди на вежби во операта, чисто за да остане во форма, нешто што инаку секојдневно ќе го правел на проби.

 

Семејството Мицевски – приватна архива

 

„Секој ден морам да посвирам, макар биле саат два, ми фали доста ако правам паузи. Моментално ми фали исто работата. Заради целава ситуација со Ковид нашата работа доста трпи, па немаме престави и концерти како предходно, впрочем како што е и насекаде во светот моментално.

И обавезно секојдневно рекреативно или пешачење или возење точак кога не е премногу ладно. Понекогаш го ставам синот во седалка и уживаме возејѓи 40-50км низ прекрасната Барања и Копачки рит-национален парк во наша близина, бидејќи има стварно добри услови и развиена велосипедска мрежа низ целиот град и надвор од него. Мора да имам време со децата 🙂 шетање во природа, игри по дома, задачи или вежбање со Јана итн. Во принцип, музиката, семејството и рекреацијата ми се неизоставен дел од денот“ ни изјави Филип.

 

Со Калин на возење велосипед – приватна архива

 

По завршувањето на секојдневните активности, прошетките во природа им се неизоставен дел од денот кои им даваат можност за полнење со енергија и поврзување со себе и токму во тие моменти, Филип се надева дека и четиригодишниот Калин ќе ја открие својата љубов кон музиката.

 

Јана во Сплит – приватна архива

 

Јана освоила стипендија и од Ротари клубот, средства со кои решила да си купи нов голем велосипед, а хрватската државна телевизија ХРТ денеска ќе снима прилог за нашето девојче интернационален талент, па истиот ќе можете да го погледнете во текот на следните денови.

 

Натпис за Јана во хрватски весник – приватна архива

Во неограничена љубов, на семејството Мицевски им посакуваме многу здравје, успех и тон исвирени ноти!

Везилка Магазин

Напишете коментар