Уникатна, непосредна, насмеана, искрена и директна, девојка со која разговорот нема да ви биде здодевен во ниту еден момент – накратко вака може да се опише Јасна, Македонката која веќе 13 години го живее својот сон во Лос Анџелес.
Нејзина сестра е нашата позната водителка Зорица Црношија, а сопруг едниот од нашите најпознати режисери – Дарко Митревски, и иако опкружена со медиуми и сцена, таа никогаш не влегла во овие води. За разлика од нив, нејзиниот контакт со познатите личности од холивудските кругови е на полична, секојдневна основа – Јасна е Maitre D’ во Farmshop, еден од познатите ресторани во Санта Моника во кој се собираат глумци и пејачи.

Вљубеник во плажата и океанот, во деталите и уникатноста, Јасна зрачи со љубов, прво кон себе, па кон блиските свои и светот. Живејќи го животот со полни гради, за Везилка ни раскажа како ѝ поминале овие 13 години надвор од Македонија.
Во 2007 година, ти и сопругот Дарко Митревски, нашиот познат режисер, ја оставивте Македонија позади себе и влеговте во америчка авантура, преселувајќи се во Лос Анџелес. Зошти ви беше потребна оваа промена?
– Деновиве со Дарко ја одбележавме третата декада откако ја започнавме приказната како пар. Наизглед наивен почеток, кој и на двајцата набрзо ке ни го смени животот во правци во кои не би можеле тогашните ние да се замислиме себе си.
И така, раскажувајќи си разни неспретни и комични моменти, Дарко ме потсети на еден детал. После неколку месеци “искачање”, реши да биде тотално фер и искрен и ми кажа дека негов голем сон е да живее и работи во Америка и се додека сум со него, фер е да знам дека тој сон ќе го сонува се` додека не се оствари. Со други зборови, или имај си еден куфер спакуван уште од сега или, батали го куферот, а ако ти чини – батали ме и мене. 2006 г. беше најуспешната година во дотогашниот професионален живот на Дарко и по снимањето и успехот на филмот “Балканкан” некако созреаа и условите за остварување на сонот за Америка.

Јас тоа го гледав како голема авантура во која или ќе се најдам себе си или ќе се изгубам. Но, без оглед на исходот, не сакав да ја пропуштам шансата да пробам парче и од тоа небо, и од тој живот кој изгледаше подеднакво спектакуларен, колку и застрашувачки.
На крајот на краиштата и јас имав животен сон кој перфектно се совпадна со неговиот: отсекогаш сум сакала живот покрај море. Наместо море, ми се падна океан, но не дозволив “малите нешта” да ме вознемират. (хахаха!).

Синот Оливер се роди во 2013 година. Што ги означи годините пред неговото раѓање?
– Новиот живот донесе сосема нов бран на информации, содржини, дилеми, прашања кои порано не ме засегале, егзистенцијални прашања кои можеби требаа да бидат преформулирани, сознанија кои ме обогатуваа, но и збунуваа.
Тоа беа години на себе запознавање, за некои нешта можеби и почнување од почеток, падови, мали победи, повторно падови по кои следеа поголеми победи. Долги процеси на себе откривање низ грешки, кои ги правиш кога чекориш по неутабани патеки, кои никој не ти ги покажал ниту ти дал мапа за да се снајдеш. Но процесот како таков, со се` што носеше, беше богатство само по себе, а ќе бидам неискрена ако кажам дека донесе само фрустрации.

Паралелно со интензивните промени во нашите внатрешни светови, јас и Дарко повторно живеевме живот на фасцинирани тинејџери, но овојпат низ булеварите, плажите, атракциите и несекодневните специфики на Дизнилендот за големи деца – Лос Анџелес. Во една таква фаза на бонвиванство и густирање на деновите до последен здив, на обострано изненадување (кај мене и шок!) на едно патување низ средна Европа дознавме дека ќе станеме родители.
Почетокот на новата авантура не` затекна неспремни – во сред едно наздравување, низ дегустација на сите можни видови на пиво во прекрасната Прага.

Мајчинството претставува најголемата трансформација за секоја жена. Колку беше лесен почетокот, имајќи во предвид дека бевте без помош, во туѓа држава?
– Дури и ден денес гледам со неверување и восхит кон парови со штотуку родено бебе, како со леснотија и веднаш продолжуваат онаму каде што застанале пред да станат родители. Ми текнува на моите почетоци како мајка, на предизвиците кои ги имавме ние и кои го обележаа нашиот почеток на родителствувањето со многу поголеми грижи отколку што заслужуваат да имаат новопечени родители.
Но, ништо не нѐ предомисли во планот тој период да го истераме сами, без да ги викнеме бабите на помош, зошто знаевме дека мора да бидеме извештени и спремни, не само на предизвикот да се справиме со бебе, туку и понатаму да ги решавме проблемите со само две глави и два пара раце, зошто само тоа го имаме и само тоа ке ни остане, еднаш кога бабите ќе мора да се вратат дома. Не беше лесно и добро е што беше така, затоа што малку што сега може да ме изненади и да ми предизвика паника.

Од друга страна, го почнав мајчинството онака како што најдобро знаев, без многу можност да учам од било кого во непосредна близина. Повеќето од нашите блиски пријатели овде имаат возрасни деца. Бев препуштена и водена од сопствениот инстинкт и здрав разум, но во исто време и растеретена од “солење на памет” од блиската околина. Да знаев дека мајчинсвото е таков неисцрпен бунар на радост и постојан извор на инспирација ќе почнев да си раѓам деца уште пред 20 год. и до сега ке си имав минимум едно 6!
Без разлика и кој год да ти каже какво искуство е да си родител, никој и ништо не може да ти го доближи до крај чувството кое се раѓа во моментот кога самиот ќе се родиш како мајка. Така да – кој знае за што зборувам, знае! Родителството е бесценет дар сам по себе.

Што мораш да направиш секој ден?
– Она што морам да го направам секој ден е, за среќа, и се она што ме радува да го правам. Дури и во овие неочекувани услови кога сите мораме да се адаптираме на нови факти, правила, очекувања и предизвици. Утрата ми почнуваат рано и се` додека без проблем се будам и станувам и го започнувам денот со леснотија, можам да гарантирам дека однапред се радувам на се` што тој ден со себе ќе донесе или се` што јас очекувам од себе дента.

Главна преокупација секојдневно ми е учењето на далечина каде што морам да имам под контрола се`, за да му помогнам на мојот второодделенец во неговите обврски. Со оглед на тоа што моето формално образование припаѓа на поинаков систем во поинакво време, неописиво ми е интересно и поттикнувачки да видам и научам се што би пропуштила во некој имагинарен живот – како би било кога би била дете и би растела во оваа средина која на моето дете му е прва и права дома.
Денот не може да ми помине без вежбање, пиење соло кафе на тераса и пиење чаша вино со Дарко на крај на денот. Помеѓу овие “ точки” може да се случува што сака, светот околу може да одигра пајдушко или валцер, мене ритуалите ми помагаат да се фокусирам, да земам здив и да го почнам следното поглавје дента.
Овој свет овде е базиран на систем кој сам по себе не нуди многу спонтаност и лежерност. Барем не “на тацна”. Но, нуди можност да добиеш она што ќе си посакаш, односно можеш да си го “наредиш” животот по мерка. Малку сонување, малку фокус и посветеност и се е можно. Најважно е да не дозволиш океанот да те грабне и однесе на отворено, туку да го контролираш бранот кога ќе надојдат бурните води и да знаеш да се предадеш и да уживаш во лулкањето во мирните води.
Колку е рутината убиец на бракот и како успеваш секогаш насмеано да пливаш низ секојдневието?
– Рутината има две страни. Едната овозможува поставување на ред, дисциплина; градење на навики, а и има извесен конфор во познатата, донекаде предвидлива, динамика на денот. Можеш да испланираш и да избегнеш несакани ситуации и донекаде те прави спремен да изреагираш во прав момент и ефикасно онаму каде што треба. Дозволува простор да си ја распоредиш енергијата и фокусот онака како што најмногу ти одговара.
Но, стапиците се повеќе од очигледни ако во рутината не внесеш извесна ангажираност, посветеност, фокус, ако не го подигнеш нивото на личните очекувања и ако дозволиш сетилата да ти отапат, острината на мислата да ти се намали, а себечувствувањето да ти стане напор и немила обврска која најрадо сакаш да ја игнорираш.
Да немав вкусено и од двете, немаше да знам колку е важно, дури и пресудно, да знаеш да вдишеш со полни гради, да се изнасмееш на глас од срце, да танцуваш во кујна во 5ам додека чекаш да ти се направи кафето, да очекуваш од себе да бидеш среќен и да го наметнеш тоа како императив на тие околу тебе.
Со Дарко сме и предобро запознаени со штетата која знае рутината да ја направи во бракот и имаме развиено изострен инстинкт да внесуваме доза на свежина како антидот. Долго сме заедно, а се` уште се доживуваме како дечко и девојка, но зад тоа има многу интроспекција, критичност, посветеност, високи стандарди и вљубеност во животот. Не можеш ниту да зрачиш, ниту да пренесеш свежина, среќа и убавина ако си рамнодушен и препустлив на случајот.

Ја имаш една од поинтересните работни позиции, во најдобрата локација за тоа – ЛА. Кој ти е најомилен гостин од познатите личности и дали сѐ уште ја чувствуваш истата возбуда кога ќе видиш познато име на листата на резервации или ќе здогледаш познат лик на врата?
– Моето работно место е еден мој голем сон кој успеав да си го остварам. Откако Дарко првпат пред 10 г. ме однесе на бранч во Farmshop, јас си се заколнав дека кога тогаш јас овде ќе стојам на позицијата на Maitre D’. Дотогаш зад себе имав многу години искуство во работа со луѓе, а откако дојдов во ЛА почнав некако природно да се снаоѓам и да ја засакувам hospitality професијата. Со години собирав искуство, ги запознавав спецификите, го надоградував знаењето и учев за луѓето со кои секодневно работам.
Кога чукнав на вратата на Farmshop за да побарам работав, веќе бев дорасната до стандардите и нивото кое се наметнуваа на такво место и работата ја добив веднаш, баш како што си замислив. Тоа е мојата втора дома, поле каде што давам се` од себе заради тоа што си ја обожавам работата.

Уживам во секој аспект од тоа да бидам домаќинка на Холивудскиот “power room” каде што за време на доручек менаџерите препрочитуваат сценарија, за ручек се прават кастинзи и се договараат проекти, а за вечера во тивок и интимен амбиент се слават професионални успеси или фамилијарни веселби со најубавите вина од локалните снабдувачи.
Гостите со кои секојдневно сум во можност да се среќавам и лежерно и неоптеретено да “чакулам” за секојдневни теми се профили на луѓе кои, кога би ги сретнала на некој настан или “party”, би требало некој прво да ме претстави или најави пред да им пријдам. Но, овде работната позиција го прави тој линк и ме става во позиција да не изгубам здив кога ќе прочитам celebrity име во резервациите за ручек утредента, а и да ги дочекам гостите со срдечна насмевка како да ми се дел од пошироката фамилија. Дури кога ќе дојдам дома на Дарко му вриштам и му ја полнам главата со тоа како изгледал дента мојот симпатија од тинејџерски години или во што била облечена неговата омилена глумица.
Имаш неверојатна моќ на забележување детали и секогаш ја наоѓаш радоста во малите нешта. Од каде го добиваш својот внатрешен мир?
– Голем дел од формативните години ги поминав како набљудувач и аналитичар на се` околу себе. Бев интровертно дете и љубопитноста ја хранев гледајќи и споредувајќи ги своите замисли за нештата со она како околината ги толкува и интерпретира истите тие идеи. Но, најчесто немав храброст активно да учествувам во тоа. Тој мој внатрешен свет, до одредени години ми служеше како детска соба во која никој, освен мене, не беше поканет, а јас си се заигрував пронаоѓајќи толкувања за светот и околината. Тоа ми носеше мир и ме приземјуваше.
И ден денес уживам во набљудување на луѓе и се` што ме опкружува; само на овие години не ми треба многу за да ја “скенирам” сцената и да донесам првични заклучоци. Тоа ми доаѓа некако природно и органски. Детали забележувам во преден план, а потоа ми паѓа во очи општата слика. Можеби тоа ми се вродени рефлекси или пак јас така сум си го истренирала окото или осетот.
И ден денес самотијата ми носи мир и можност да дојдам во контакт со самата себе, да се слушнам, да си поќутам, а во исто време и да си направам муабет. Обожавам да бидам сама во 5 сабајле кога сите уште спијат и да си уживам во тишината и отсуството на надворешни дразби. Во моментите кога сум сама со себе, најдобро си го наоѓам мирот и стабилноста.
Имаш изострено чувство за модни комбинации и секогаш бираш детали кои те прават уникатна. Колку ти е важно да останеш своја во ова време на униформираност?
– Верувам дека, порано или подоцна, секој од нас научува дека нема ништо поубаво, повистинско и помоќно да се чувствуваш добро со самиот себе и сопствената кожа да ти биде поудобна и од најубавата облека скроена по мерка. Во време на униформираност или не, во секое време, мојот стил е мојата неврбална комуникација со светот. Можеби позамаглена порано, но сега многу повеќе во high definition и high contrast, појасна и подиректна.
Свесна сум дека тоа ми го наметна и животот овде. Јас сум една од многуте дојденци. Мојот акцент е тврд и мојот англиски е несовршен. Не секој со леснотија може да ми ја следи мислата зошто, како повеќето европјани, раскажувам на долгo и на широко. Заради потеклото, во себе носам свет кој на многумина може да им биде нов и возбудлив, но и непознат и неразбирлив. А преку ставот и стилот, преку индивидуалноста, преку автентичноста – му давам шанса на недокажаното и недоизреченото да се изрази во поинаков медиум.
Не вложувам напор, тоа ми доаѓа само од себе, тоа е еден од јазиците со кои зборува мојата персона. И бескрајно уживам во тоа. Мои неисцрпни инспирации се мајка ми и баба ми, со нивната елегантна воздржаност и потенцирана женственост и Софија Лорен, со својата спонтана провокативност и лежерна сензуалност.
Љубител си на патувањата и храната, и откривањето на нови вкусови и мириси ти е една од страстите преку која непрестано се откриваш и пронаоѓаш себеси. Што откривте, како семејство, во последниве 8 месеци?
– За оваа година заедно со нашите фамилии имавме големи планови. Се` беше договорено, со месеци однапред резервирано и детално искоординирано, а радоста напластена до бесвест: требаше да направиме голема фамилијарна собиранка со нашите најблиски низ неколку локации по Медитеранот. Но, заради пандемијата, плановите пропаднаа во последен момент.
Тоа требаше да биде летување во кое ќе се изнагушкаме со сите до бесвест. Планиравме да направиме еден куп спомени, децата да уживаат и да учат нови финти едни од други, а ние големите да си дораскажеме се` што не може да се раскаже по Viber или WhatsApp. Но, останавме во ЛА со речиси спакувани куфери.

Одлучивме ич да не се отпакуваме и новонастанатата ситуација да ја свртиме во своја корист, колку што ќе ни дозволат приликите. За овие 8 месеци ние не престанавме да патуваме. Посетивме и видовме се` што заради обврски и работа сме пропуштиле годиниве наназад. Приоритет на летото ни беше проектот “family time” со нашите сакани преку океанот, па решивме така и да остане до крај, иако не го преминавме океанот.
Ние тројцата ја премеривме секоја педа земја на потегот од Santa Barbara до San Diego, понекогаш дури и со повторно навраќање на омилените локации. Сите тројца го наоѓаме зенот на плажа и покрај вода, па така мислам дека не остана плажа на која за овие 8 месеци немаме растегнато пешкир на песок. Плановите секогаш ги кроиме така да фокусот на крајот на денот е некое гастрономско задоволство, па летово имавме цел спектар на вкусови и мириси кои ни го одбележале денот или сентиментот.
Времето кое имаме шанса да го поминуваме заедно, сега повеќе од било кога порано, е најбесценетото нешто што ни се има случено откако сме трочлено семејство. Сработивме еден куп домашни проекти и замисли, воспоставивме нови семејни ритуали кои не` исполнуваат и ни носат радост, си го најдовме мирот во душата, споделивме неброени авантури во текот на патувањата и направивме еден куп спомени.
Кое задоволство го плаќаш најскапо?
– Никогаш не можеш да имаш се`. Барем не во исто време. Тоа сознание можеби не носи толку утеха, колку што на некое рационално ниво те потсетува дека зад секоја одлука следи и одговорност да ги прифатиш последиците од таа одлука како дел од пакетот и да научиш да живееш со тоа. Не чувствувам носталгија по места, но нашите најблиски и она топло чувство дека сите сакани ти се на купче и на дофат на прегратка, ми недостасува секојдневно.
Идејата дека сме овде само ние тројца, се обидуваме да ја направиме во предност за нашите фамилии, кои сега имаат база, дури и домородец, кај кого можат во секое време да дојдат, да заседнат, да останат или како туристи или како идни студенти на овдешниве школи. Можат да дојдат со или без куфер, да пробаат, да се обидат, да си го задоволат апетитот за ново и различно, да научат, да се запознаат себе во друга средина.
Ние сме тука и таа покана и опција важи засекогаш и е без рок на истекување. Однапред му се радуваме на секој што ќе посака да ја искористи.

Кога би можела да бираш, дали би се вратиле во Македонија?
– Можноста да бирам никогаш не била искромпромитирана. Не е ни сега. И се` додека е така, секогаш ќе одберам да бидам онаму каде што можам да го имам животот што сакам да го живеам, а не оној што морам да го живеам.