ИнтервјуаПретставуваме

Јован Босеовски: „Нема малцинство“ е балада за македонската дијаспора што сите ја носиме во нашите гени

Везилка Магазин

The English version of the interview can be found here.

 

„Ако не сум ја слушнал лично или не сум го запознал човекот кој ја носи – приказната не добила место во филмот“

 

Вака Јован Босеовски го започна разговорот за својот филм „Нема малцинство – Балада за македонската дијаспора“ кога го запрашав зошто баш опишаните настани и зошто баш на овој начин раскажани.

Јован е Македонец роден во Канада, чиј татко ја напуштил Македонија во 50-тите години на минатиот век и својот живот го продолжил преку барата, женејќи се со Македонка која ја запознал таму. Растејќи со баба, Јован прво го научил македонскиот јазик дома, па англискиот на училиште, и редовно слушал приказни за своите претци, како и на тие околу него.

 

 

Канализирајќи ја желбата за докажување дека Македонците како малцинство постојат во Егејска Македонија, како и за пореална презентација на историски настани поврзани со Македонија, Јован напишал сценарио за филм кое го понудил на соодветните лица во индустријата. Откако увидел дека ќе мора да менува зборови и искази, ако сака да добие финансии, решава сам да го финансира проектот, а воедно и режира заедно со Renjie Li, и прикаже на светот онака како што замислил на почетокот на своето патување.

Снимањето се одвивало на три локации – Канада, Македонија и Грција, во период од 2 години и почетокот на пандемијата делумно влијаел некои сцени никогаш да не бидат снимени. Сепак, работејќи со она што го има, Јован со сета своја душа и енергија го завршува филмот и ја најавува неговата премиера на 27 август во Торонто, проследена со премиери по театрите низ целиот свет каде живеат Македонци.

 

 

За повеќе информации околу идните проекции, следете на
Instagram     Facebook     YouTube     TikTok      

 

Јован, да започнеме од почетокот на твојата животна приказна. Каде си роден и каква е поврзаноста на твојот татко со Македонија?

 

Јован: Роден сум во Торонто, Канада и тука живеам целиот мој живот. Татко ми емигрирал во Канада од Македонија во 1957 година од Градешница, Мариово. Мајка ми е од мало село наречено Долно Перово на северната страна на Преспанското Езеро, а со татко ми се запознаа во Торонто преку заеднички пријатели.

 

Сцена од филмот „Нема малцинство“

 

Растеше со баба со која зборуваше на македонски јазик. Дали мислиш дека оваа предност ти помогна повеќе во минатото, кога растеше, или сега, кога повторно се поврзуваш со твоите корени и колеги Македонци ширум светот?

 

Јован: Не знам дали јазикот „помогнал“ со нешто друго освен разбирање на културата и идентитетот. Постои одредена директност на јазикот. Моите баба и дедо живееја со нас, следствено на тоа јас не се сеќавам на тој период како на „учење“ на јазикот. Тоа беше начинот на кој комуницирав со Баба Јана и Дедо Трајко.

 

Сцена од филмот „Нема малцинство“

 

Македонецот секогаш беше дел од мене. Во таа смисла, твоето прашање не е правилно формулирано – не мислам дека некогаш „повторно сум се поврзал со моите корени“. Македонските корени секогаш беа со мене.

 

„Нема малцинства – балада на македонската дијаспора“ е нискобуџетен, само-продуциран филм за историјата и страдањата на македонскиот народ во Македонија, Егејска Македонија и современите прашања. Да почнеме од сценариото – колку време беше потребно да го завршиш и колку од приказната се заснова на вистински луѓе и настани?

 

Јован: На ​​еден чуден начин, се чувствувам како сценариото да се развивало целиот мој живот, и е едноставно базирано на бесконечниот прилив на приказни што ги слушав додека растев. Филмот е навистина само врвот на ледениот брег. Некои се приказни од моите Дедо и Баба, некои од татко ми преку неговите искуства кога доаѓал во Канада преку Грција, како и од бегалскиот камп во Лаврио, но иод  други блиски пријатели и семејства од Егејска Македонија.

 

Јован со актерот Филип Антониев (Илче), август 2021

 

Голем дел од современите искуства се лични искуства. Иако приказните ми беа секогаш познати, сепак потребни беа околу шест месеци да ги организирам, да ја развијам приказната и да напишам сценарио што ќе ги испреплетува минатото и сегашноста. Пробав да направам најдобро што можам со ограничените ресурси што ги имавме.

 

Зошто одби да правиш измени на сценариото и наместо тоа, одлучи да го снимиш филмот со мал буџет?

 

Јован: Ова е многу важно прашање. Можев ли да ја прифатам понудата од поголема продукциска компанија за да го продадам моето сценарио? Да. За жал, почнаа да разговараат за промените што сакаа да ги направат во приказната. За среќа, почнаа да разговараат за промените пред да го потпишам договорот!

Мојата интуиција ми велеше дека на моите предци им должам некомпромитирање на интегритетот на приказната, иако тоа значеше дека нема да може да се продаде на масовна публика. Ова е нашата приказна, македонска приказна. Од моите претци, моето семејство и нашите пријатели. Јас не би можел да живеам со себе, доколку овие приказни би омаловажиле било кој дел од историјата на којашто бевме сведоци како нација и дијаспора.

 

Сцена од филмот „Нема малцинство“

 

Филмот беше сниман во Канада, Македонија и Грција, и претставува модерна приказна за Лидија, девојка родена во Канада од македонски родители. Истата е испреплетена со сегашни и минати настани коишто се поврзани со семејството на Лидија и македонската историја, преку приказната за двата македонски војника Илчо и Перо. Се чини како да си даде за цел во тие 2,5 часа да покриеш голем период од македонската историја. Зошто тие детали беа важни за тебе?

 

Јован: Најпрво, ако не сум ја слушнал приказната од некој кој го знам или допрел лично, не беше дел од историските аспекти на филмот. Ова е причината зошто филмот не оди подалеку од 1910 година и падот на Отоманската империја. Значи, навистина ја покриваме само современата историја на Македонија, но еден период кој воведе фундаментална окупација на Македонија и македонскиот народ.

Мојата Баба е родена во 1912 година, а мојот Дедо во 1914 година. Сите знаеме што се случило со годината помеѓу овие две. Значи фактички базираните „ретроспективни“ приказни што ги слушав, започнуваат и завршуваат со нив. Приказната на татко ми е раскажана преку очите на „Илче и Перо“.

 

Илче и Перо – сцена од филмот „Нема малцинство“

 

Мојот татко, Илија, ја напушти југословенската армија и Македонија во 1957 година во потрага по нешто подобро и не се врати до 1983 година. Тој едноставно сакаше подобар живот по негови услови. Канада му го даде она што Македонија, под социјалистичка Југославија, не можеше.

Конечно, приказната за Лидија ја раскажува перспективата на оние кои се родени надвор од Македонија, но израснати со македонската култура (или барем „хибридна“ култура). Овие приказни се честа перспектива на децата на имигранти. Многу од тие деца со различни култури кои го гледаат овој филм ќе можат да се поистоветат со Лидија.

 

Како пројде снимањето во Македонија? Дали доби каква било помош од локалното население, и што ви беа најголемите предизвици таму?

 

Јован: Морам да признаам, го очекував најлошото кога се спремав за снимање во Македонија. Колку само не сум бил во право!

Должам огромна благодарност на сите кои ни помогнаа во Македонија. Кај одев, вратата беше отворена! Тоа беше прекрасно благородно чувство. Луѓето во и околу Ресен, Битола и Охрид беа неверојатни! Сакам да мислам дека можеби ми помагаа сите Македонци на кои татко ми им помогнал кога пристигаа во Канада. Тој секогаш велеше „памти, па врати“.

 

Јован на снимањето на филмот „Нема малцинство“

 

Без оглед на причините, паметам и ќе вратам. Кога ќе го правам мојот следен филм, ќе сторам сѐ што можам повторно да снимам таму, да ѝ помогнам на економијата и да им дадам работни места на луѓето таму. Се надевам со многу поголем буџет за мојот следен проект. Напомена: проектот ќе го вклучува Гоце Делчев!

 

Се чини дека овој филм е личен израз на Јован. Од твоите сеќавања, твоето наследство, сите емоции пренесени низ твоето семејство во текот на децениите. Зошто ти беше толку важно да ја прикажеш приказната токму онака како што ТИ сакаше и на каков исход се надеваш?

 

Јован: Не е личен израз сам по себе. Тоа е израз на различни генерации на македонската дијаспора и како тие ја доживеале историјата. Некои директно што ја живееле, некои што ја доживеале преку приказните на своите најблиски, и други на кои им биле пренесени преданијата. Многу ми беше важно да ги кажам приказните што е можно попрецизно, бидејќи, најчесто, тоа беа приказни доверени на мене и моето семејство.

За жал, татко ми почина во јуни 2018 година, токму пред почетокот на снимањето. Филмот е посветен на него, бидејќи неговиот живот беше посветен на неговото семејство и неговата заедница.

 

Илија, татко му на Јован, во Канада

 

Во моите тинејџерски години, по непрестајното слушање на истите приказни едноставно почнав да се „исклучувам“ и да ги примам како „нормални“. Понекогаш е потребно некој надвор од твојата културата да те разбуди со фактот дека приказните се извонредни и мора да бидат кажани на поширока публика.

Откако моите деца се родија и приказните почнаа повторно да се прераскажуваат, тогаш сфатив дека сум ги земал здраво за готово. Без поддршката од мојата сопруга и децата, не би ја развил приказната, напишал сценариото и снимил филмот.

 

Што значи Македонија за тебе?

 

Јован: Не знам дали сите деца на имигранти се чувствуваат исто за нивното „наследство“, но во мене има нешто како „чувство за припадност“ за Македонија. Постои одредена гордост, одредена доверба во моето наследство. Тоа е како вечна основа која ве држи. Како горд Канаѓанец, татко ми ме воспита да бидам горд и на сите аспекти од моето наследство.

 

Јован со сопругата Денеб Милано, август 2021

 

Минатото е македонско, иднината канадска. Ние секогаш можеме да се навраќаме на минатото, но како што велат „Само нагоре“ се движиме напред во Канада.

Везилка Магазин

Напишете коментар