Лично

„7 работи кои не треба да им ги кажете на родители со посебни деца“

Текст на Маја Стојчевски, тренер за родители на деца со предизвик

Везилка Магазин

Постојат многу текстови со сличен наслов напишани од посебни родители. И има наведено толку многу “да не се кажат” работи на листата. Ќе наведам некои од нив и ќе се обидам да ги разберам и од аспект на посебен родител и од агол на некој кој нема посебно дете. Сакам да им понудам перспектива на посебните родители за тоа како може да протолкуваат некои коментари кои направиле да се почувствувате лошо.

Некои од изјавите се наведени како болни или навредливи, но ако погледнете на нив од друга перспектива, не би ве растажиле.

Од друга страна разбирам дека имате право да сте вознемирени кога просто ќе чуете нешто што ве заболува.

Во овој текст ќе ги сумирам најчестите изјави кои посебните родители ги сметаат за несоодветни и ќе ви кажам како јас лично ги перцепирам истите. Ќе ги видите причините зошто повеќето од коментарите не ме допираат на лош начин.

 

 

Еве некои од нив:

  • Не знам како издржуваш. Јас не би се справил-а на твое место”- лично, ова воопшто не ме навредува. Го сфаќам како комплимент и кога луѓето ми го кажуваат ова, вообичаено е кажано со сочувствителен тон и охрабрување. А исто така сметам дека нивната изјава потполно одговара на нивните сегашни уварувања. Оние кои го кажуваат ова, навистина веруваат дека на наше место тие не би се справиле. Се разбира, јас и вие знаеме дека тоа не е вистина. Ако тие би биле соочени со истиот предизвик, секако би нашле начин да функционираат. Но во моментов мислат дека не би можеле.

 

  •  Штета што мора да го ставиш животот на пауза”- Ниту ова не би ме навредило. Зошто би? Ако сте навредени од ваков коментар можеби верувате дека навистина животот ви е стопиран. Не се ставајте во позиција да бидете навредени од било кој што има различно мислење од вашето. Тоа што тие мислат за вас е нивна работа. Тоа што вие го мислите за себе е она што е важно. Ако мислите дека животот ви е на пауза и таа мисла ве повредува, имам подобра за вас: Вашиот живот НЕ Е на пауза. Вие напредувате. Во еден момент бевте обична личност, а во следниот станавте родител, медицинска сестра, терапевт, нутриционист, експерт, специјалист и сето тоа одеднаш. Секој ден кој го поминувате со вашето дете, секоја прегратка и бакнеж што ги давате, ви помагаат да растете се‘ повеќе. Прави да растете како личност. Ве прави толку силни, организирани, флексибилни, приспособливи… значи, за каков живот на пауза зборуваме?

 

  • Остани силен/на или биди силна. Тоа е најважно”- Разбирам зошто на родителите им смета оваа изјава. Некогаш само сакаме некој со сочувство да не‘ ислуша за она што не мачи. И кога ќе ја слушнеме оваа тривијална реченица ни се чини дека личноста спроти нас сака набрзина да “не‘ поправи„ и да не ни дозволи да си го поминеме нашиот процес на тага или други емоции. Можете едноставно да објасните дека не е точно дека мора да бидете силни. Затоа што тоа не е можно. Она што можете е да СТАНЕТЕ силни! Има голема разлика. Не можете туку така да бидете силни кога доживувате некоја траума. Она што со сигурност можете е да го прифатите и прегрнете вашето искуство какво и да е, кое придонело да сте под стрес. И тогаш да си дадете време да го процесирате и да поминете низ тагата, шокот или болката – или што и да искусувате. И после некое време кога ќе прифатите дека е како што е, ќе станете силни. Затоа што сте минале низ процес кој ви ги зацврстил силите. И во ред е да си дадете време додека да стигнете до тој момент.

 

  • Се‘ се случува со причина” и “Господ ти дава колку што можеш да поднесеш” – Се согласувам дека ова се тривијални и плитки изјави. Повторно, не морате да бидете повредени од овие реченици со тоа што можете да сочувствувате дека личноста спроти вас не знае да зборува од срце и душа и затоа мора да користи вакви фрази, колку нешто да се каже. Можете да пробате нежно да ја едуцирате оваа личност и да одговорите дека Господ не дава некому болест, а некому здравје. Таква е природата на животот, да не биде само права линија. Секој од нас поминува низ различни кризи и предизвици во животот.

 

  •  Како тоа мислиш не знаете која и е дијагнозата? Не разбирам, сте ја однеле на доктор?”- Ова често ме прашувале и ме фаќа смеа секој пат. Драг пријателе, ме зафркаваш? Дали сум ја однела на доктор? На доктор сме биле повеќе пати од што можеш да изброиш. Дали ова прашање ме вреѓа? Не. Само ми покажува дека си имам работа со личност што не мисли многу пред да каже нешто. “Навредливите” изјави од другите луѓе зборуваат само за нив и какви се тие. Тоа ништо не кажува за вас. Насмејте се и забавувајте се и не се навредувајте.

 

  • “А дали сите прегледи ги направи во бременоста?и “А генетски ли е?– При истражувањата што ги правев за текстов, открив дека овие две прашања најмногу ги повредуваат специјалните родители. Ќе се обидам да ви објаснам зошто на сите вас кои не се соочувате со посебни деца во семејството: посебните родители покрај другите негативни емоции како што се страв, грижа, стрес, очај, тага и бесмопошност, се справуваат и со огромно количество на вина. Што мислите, колку пати мајката и таткото на детето седнале и цртале семејни дрва и го дискутирале секој најситен детал за тоа што се случувало во бременоста? Толку пати мислеле на тоа, што можат сега да се сетат дали некој датум од пред 5 години се паднал во недела, а не сабота и каква боја на маица носеле тој ден. Ете толку време посветиле пробувајќи да откријат што се случило. Носат со себе многу голема вина особено во првите години и некогаш мислат дека нивното дете страда поради нив. Дека тие се виновни. И кога ќе поставите вакво прашање, како да сте ставиле сол на жива рана. Значи, посебни родители, на прашања “А дали сите прегледи ги направи во бременоста?и “А генетски ли е?слободно кажете Не е твоја работа.”

 

  • “Ох, таа изгледа сега многу подобро; последниот пат кога ја видов не изгледаше добро.”- Ова последново е од мое лично искуство. Ова можеби не е толку проблематична изјава. Ама ова ми го кажа и последниот пат кога се видовме, а исто и пред тоа. Прави да се чувствувам лошо затоа што сум скоро 100% сигурна дека наредниот пат пак истово ќе ми го кажеш.

 

 

Ние како посебни родители ја креираме атмосферата околу нас за тоа како ќе гледа околината на нас и нашата реалност – одгледување на дете со предизвици. Мораме да бидеме на чисто со она кои сме ние и дека единствено важно е да поминеме колку што е можно повеќе прекрасни моменти со нашите деца. Грижата за мислењето на другите луѓе е залудно потрошена енергија.

Драги посебни родители, имајте го предвид фактот дека пред да ги добиеме своите деца, ниту ние не го знаевме совршениот начин на комуницирање со лицата со попреченост.

Можеби во минатото и ние сме кажале нешто несоодветно. Тоа сега веќе не е важно. Заради својот личен мир, тргнете од претпоставката дека личноста спроти вас има најдобри намери. И со сигурност не сакаат намерно да ве навредат.

Наместо да барате другата страна да покаже поголемо разбирање за вас, вие бидете тие што ќе понудат разбирање за нив. Не можете да очекувате да добиете нешто што не го давате. Прво расчистете со ставот “Знам кој сум и кое е моето дете. И знам дека одлично ни оди и дека моето дете и јас сме големи учители.” Кога ќе оформите таков став ништо нема да може да ве навреди и никој нема да има моќ да ви го контролира расположението.

Ние не можеме да контролираме што другите ќе ни кажат, но можеме да контролираме какво мислење имаме за себе, а тоа е единственото што ни треба за внатрешен мир.

 

Маја Стојчевски е coach за родители на деца со предизвик. Нејзина мисија е да им помогне на родителите да ги надминат негативните емоции и да постигнат целосно прифаќање и благосостојба за нив и своите деца. Посебното родителство може да биде прекрасно искуство кога ќе се ослободи родителот од сите предрасуди околу дефиницијата за што е нормално. Работи online сесии со родители од целиот свет. Таа е мајка на 6 годишната Јоана која има ментален и физички предизвик, и знае како може да му помогне на секој родител кој се чувствува тажно, несреќно, осудено и заглавено.
Пишува блог на нејзината web-страница https://mayastoychevski.com/. Постојано учествува во обуки од областа на coachingot. Живее во Нојс (Neuss), Германија.
Везилка Магазин