Музика и уметностФилм

Macedon.TV – нова платформа за филмови, документарци и серии од македонска продукција

Везилка Магазин

„Macedon.tv започна како одговор на потребата да се има платформа фокусирана на содржини што ги опфаќаат приказните поврзани со македонската дијаспора, како и оние од интерес на Македонците и пошироката балканска дијаспора воопшто, ширум светот.“ – Јован Босеовски, JL Bose

 

Позади платформата Macedon.TV стои Јован Босеовски, сценарист, режисер и продуцент на филмот „Нема малцинства – Балада за македонската дијаспора“ од Торонто, Канада. Она што требаше да биде промоција на неговиот филм, се претвори во создавање на платформа која претендира да биде домаќин на македонски краткометражни, долгометражни и документарни филмови, како и серии и шоуа, што ќе ги направи овие проекти достапни на секој Македонец, без разлика каде се наоѓа во светот.

Не знаејќи каде е најдобро да го постави својот филм за да може да биде прикажуван онлајн во Македонија, Јован ја создава платформата Macedon.TV која, покрај својот филм, планира да биде збирно место и на многу други низ светот, кои се од интерес како на македонската, така и пошироката балканска публика.

Бидејќи Везилка имаше интервју со Јован, за нашите читатели добивме купон за 20% попуст за онлајн проекција на филмот „Нема малцинства – Балада за македонската дијаспора“ . Гледајте го филмот од удобноста на својот дом, воедно давајќи му поддршка на Јован за овој и следните проекти поврзани со македонската историја и култура кои ги има во план ( мала тајна: Следниот негов филм ќе го има Гоце Делчев во центарот на дејствието! )

 

Код за 20% попуст:      MKUD20

 

 

Нема малцинства – Балада за македонската дијаспора“ е приказна за мала, но страсна и историски значајна група на луѓе што МОРА да се каже. Баладата на македонската дијаспора е збирка на вистински приказни за искушенијата и неволјите пренесувани од уста на уста и раскажани од баби и дедовци, родители, чичковци и тетки, проткаени низ фиктивното патување на нашите главни и споредни протагонисти.

Откако нејзината свршувачка се распаѓа поради тензии меѓу семејствата, Лидија патува назад на Балканот и ги чувствува на своја кожа вековни етнички тензии во денешна Македонија. Наспроти нејзината приказна се „сеќавањата“ на Македонија од 1950-тите и секундарните протагонисти, Илче и Перо, двајца војници во југословенската армија кои наидуваат на угнетување од прва рака додека се борат да го остават зад себе Балканот по секоја цена.

Филмот навлегува подлабоко во историјата на Балканот со низа периодични флешбекови. Самата почетна сцена започнува со првата од многуте „флешбек“ сцени, „Букурешт околу 1913 година“ во средината на тензичните преговори за Договорот од Букурешт – договорот за примирје што ги дели териториите на македонските претци меѓу Грција, Бугарија и Србија. Оваа сцена, заедно со другите меѓусебно поврзани ретроспективи, раскажуваат приказна за романса, болка во срцето и инспирација за македонскиот народ и неговата татковина, а сето тоа преку една силна женска главна улога и постојано присутна култура под женско влијание.

Везилка Магазин