Книжевно творештво

Macedonian Learner’s Grammar – една поинаква граматика, создадена во училница

Граматика на македонскиот јазик од Елена Филиповска - Божиновска

Везилка Магазин

Неодамна од печат излезе Macedonian Learner’s Grammar на авторката Елена Филиповска – Божиновска, филолог со 20-годишно учителско искуство. Оваа граматика е наменета за странци кои сакаат да учат македонски јазик, како и за сите Македонци низ светот кои не го зборуваат јазикот, а сакаат да го научат.

Елена предава македонски јазик за странци повеќе од 20 години, во истиот период предавајќи и италијански јазик во приватно училиште, скопска гимназија и на Филолошкиот факултет. Од 2014 решава да се посвети само на македонскиот јазик и ја создава Сказалка  , училиште коешто е на мисија, на интересен и интерактивен начин, да го приближи нашиот јазик на сите оние кои започнуваат со изучување на истиот.

Елена Филиповска – Божиновска, основач на Сказалка и автор на граматиката

Оваа граматика е одличен додаток за секое семејство кое живее надвор од границите на Македонија во процесот на учење и зачувување на македонскиот јазик како кај возрасните, така и децата.

Во продолжение во целост ви го пренесуваме текстот за медиумите за граматиката:

***

Macedonian Learner’s Grammar е резултат на мојата практична работа како наставник по македонски јазик за странци. Луѓето со кои работам последниве 20 години се од целиот свет и го учат македонскиот од различни причини. Речиси сите уште на првиот час велат: „Сакам да зборувам македонски, да можам да се снајдам на улица, да се разберам со колегите и пријателите. Меѓутоа, Ве молам, нека има што е можно помалку граматика. Не сакам граматика“.

Јазик без граматика не се учи. Граматиката е ’рбетот на јазикот. Па така, со текот на времето, се трудев да ја расцепкам граматиката на разбирливи делчиња, да ја завијам во интересни, практични содржини и на крај да им покажам на учениците дека граматиката е нешто што го носат во себе, што го знаеле од самиот почеток.

Врз основа на моето искуство со употребата на Европската референтна рамка за јазиците, се потрудив да ги поделам содржините во Macedonian Learner’s Grammar на два дела: почетно и средно ниво. Учениците што сакаат да зачекорат од почетно кон средно ниво, ќе се најдат пред глаголскиот вид и минатите свршени времиња како пред железна капија. Ако не се совлада овој дел од граматиката, нема одење напред. Се потрудив да ги поедноставам правилата и да вметнам некои методички совети за совладување на овие теми. Целта е да се постави цврста основа што ќе им овозможи на учениците да се нурнат подлабоко во изучување на јазикот.

Од голема помош во дефинирањето и објаснувањето на граматичките теми ми беше искуството со италијанскиот јазик. Долги години предавав италијански, а го научив од нула на возраст кога веќе имав развиено металингвистичка свест. Затоа, знам многу добро како е да се седи од другата страна на клупата и со какви предизвици се соочува секој ученик што пред себе има нов јазик што треба да го совлада.

Сакам да нагласам дека не сум единствениот автор на Macedonian Learner’s Grammar. Сите ученици со кои сум работела и работам ми помогнаа многу во нејзиното создавање. Учениците поставуваат прашања за граматиката на нашиот јазик што роден говорител никогаш не би си ги поставил. Со нивна помош, увидов некои особености на македонскиот и ги вклучив во книгата. Грешките што учениците ги прават додека го учат јазикот се важен дел во наставниот процес. Многу од нив се повторуваат и сметав дека е важно да ги вклучам во книгата со цел тоа да го олесни процесот на изучување.

Исто така, треба да се спомне дека не е тешко да се застане на рамениците на гиганти. На моето работно биро секогаш се Граматиката на македонскиот јазик од Блаже Конески, Синтакса на македонскиот литературен јазик од Лилјана Минова-Ѓуркова, учебниците по македонски јазик за странци на Крамер и Митковска, на Кусевска и Митковска и уште некои бисерчиња што се наведени во Macedonian Learner’s Grammar како користена литература.

Решив книгата да ја издадам на Амазон во електронски облик, бидејќи така најлесно ќе отпатува до секој дел во светот. Во моментов ја разгледувам опцијата што ја нуди Амазон за печатено издание. Во меѓувреме, електронската верзија е достапна на следниов линк.

***

Везилка Магазин